• среда, 25 декември 2024

КУД „Илинден“ од Струга слави 38 години од формирањето 

КУД „Илинден“ од Струга слави 38 години од формирањето 
Струга, 18 февруари 2021 (МИА) - Културно уметничкото друштво „Илинден“ од Струга денеска слави 38 години од формирањето, односно спојувањето на повеќе фолклорни организации во една при центарот за култра „Браќа Миладиновци“. Друштвото, како што информира корегорафот Љупчо Милошески, брои 260 активни членови, поделени во седум играорни групи, пејачка група и оркестар. Сите заедно исполнуваат повеќе од 20 кореографски постановки од сите региони во државата. КУД „Илинден“, додаде, во своето постоење има реализирано 37 самостојни годишни концерти и над 3.000 настапи во Македонија и странство, освојуваќи бројни награди и признанија. - Организирано негување на фолклорот во Струга е забележано уште во 1953 година, кога за прв пат група млади ентузијасти започнале да го негуваат локалниот струшки фолклор исполнувајќи народни песни, ора и обичаи. Врз основа на овие почетоци се формираат неколку фолклорни организации и тоа: ансамблот „Струшки Бисери“, играорната група „Браќа Миладиновци“, камерниот хор „Наум Миладин“ и надалеку познатите „Распеани Стружани“. Во 1983 година со соединување на овие фолклорни организации се формира едно културно уметничко друштво, кое го продолжува овај континуитет на организиран фолклор во Струга и продолжува да работи и твори при центарот за култура „Браќа Миладиновци“ и со тоа претставува нераскинлив дел од оваа институција, посочува Милошески. Со новонастанатата состојба со пандемијата од Ковид 19, друштвото скоро една година паузира од проби за играорниот состав. Летото, истакна тој, кога имаше олабавување на мерките и одобрение од институциите да работи вокално – инструменталниот состав на друштвото, се подготвуваше и реализираше 37. годишен концерт на платото пред центарот за култура во Струга. Потоа свој настап имаа и на фестивалот „Староградски Средби“ во организација на центарот за култура во Охрид, како и претставување на фолклорните смотри на СОФАМ (Сојуз на Фолклорни Aнсамбли на Mакедонија) кои се одржаа он-лајн. - На сите ни недостига сцената, сепак за нас една година без настапи и проби е навистина невообичаено и несфатливо. Се надеваме дека оваа пролет, со оглед на вакцинацијата која што почна ќе ни биде дозволено и на нас, кои работиме со фолклорот да почнеме со работа. Гледајќи ја ситуацијата во државата останавме единствените, кои не почнале со работа, дали проблемот е до нас ансамблите и друштвата што не покренуваме иницијатива или пак до институциите, навистина незнам, но сигурен сум дека е време да се вратиме на сцена, изјави Милошески. сс/ев/

Остани поврзан