• четврток, 07 ноември 2024

КСЗД: Оформени 107 нови предмети, 84 поднесни од физички лица, 22 од правни лица и 1 постапка поведена по службена должност

КСЗД: Оформени 107 нови предмети, 84 поднесни од физички лица, 22 од правни лица и 1 постапка поведена по службена должност

Скопје, 10 октомври 2024

Во третиот квартал на 2024 година оформени се 107 нови предмети за заштита од дискриминација, од кои 84 се поднесни од физички лица, 22 од правни лица и 1 постапка поведена по службена должност.

Во споредба со истиот период во 2023 година, бројот на нови предмети е намален за 60,05%*.

Од подносителите физички лица 23 не доставиле податок за припадноста по пол. Од оние кои доставиле, 30 (49%) биле жени и 31 (51%) биле мажи.

Во однос на националната припадност, 45 граѓани не се изјасниле. Од оние кои се изјасниле 26 биле Македонци, 5 Албанци, 2 Роми, 1 Србин, 1 Турчин и 1 Влав. До КСЗД се доставени и 3 претставки од граѓани кои се изјасниле за друга етничка припадност (бугарска, канадска и горанска).

Во поглед на возраста најмногу претставки се поднесени од граѓани на возраст 41-50 години (16 претставки).

Податок за нивната возраст не доставиле 33 подносители на претставки.

Утврдена дискриминација

Директна дискриминација е утврдена во 9 случаи, од кои три како дискриминација во потежок облик - во два како продолжена дискриминација и во еден случај како интерсекциска дискриминација. Понатаму, утврдени се четири случаи заради дискриминациски говор во медиумите и социјалните мрежи и тоа, еден случај на вознемирување, еден како вознемирување и повикување и поттикнување на дискриминација и два случаи во форма на поттикнување на дискриминација.

Во 12-те случаи на дискриминација, КСЗД утврди повреда на правото на еднаквост врз 12 различни основи. Најчесто утврдена основа на дискриминација во третиот квартал на 2024 година е етничката припадност, а потоа следат родов идентитет, род, сексуална ориентација и политичко уверување. Во по еден случај утврдени се и основите раса, јазик, образование, попреченост, здравствена состојба и лично својство и општествен статус. Утврдени е и еден случај на дискриминација врз друга основа: членување во синдикат.

Најмногу случаи на дискриминација во 3-от квартал на 2024 година, биле утврдени вo областа на работата и работните односи, од кои два се за пристап до унапредување, еден за трансформација на работен однос од определено на неопределено време, еден за прекинување на работен однос и еден за дискриминација на работно место. Потоа следат областите на јавно информирање и медиуми, правосудство и управа и еден случај на дискриминација во детска градинка.

Мапа на поднесени претставки

66 претставки поднеле граѓани/правни лица од Скопје. Потоа следат: шест од Битола, по две од Велес, Врапчиште, Гевгелија, Кавадарци, Кичево, Охрид и Тетово, по една претставка од Берово, Гостивар, Дојран, Конче, Крива Паланка, Куманово, Маврово и Ростуше, Ново Село, Прилеп, Студеничани, Чашка и Штип.

Четири претставки се поднесени од граѓанска организација со седиште во Белгија, една од подносител со адреса на живеење во Косово и еден подносител од Норвешка.

Две претставки се поднесени анонимно, од група на граѓани за кои не е познат адресен податок.

Донесени одлуки КСЗД во третиот квартал на 2024

Во третото тримесечје на 2024 година, КСЗД донесе вкупно 77 одлуки* по предмети за заштита од дискриминација.

Донесени се 32 мислења од кои во 12 случаи се утврди дискриминација, а во 20 не се утврди дискриминација.

Се отфрлиле, односно не се постапувало или била запрена постапката по 44 претставки.

Заклучно со 30 септември 2024 година, бројот на тековни постапки изнесува 115.

*Од донесените 77 одлуки во третиот квартал на 2024 година, една е за мислење на КСЗД со кое се утврди дискриминација во единствена постапка за две поднесени претставки за ист правен настан, а друга е за заклучок на КСЗД за отфрлање на претставка заради неуредност кој се однесува на два поврзани настани за кои, исто така, беа поднесени две претставки.

Интерсекциска дискриминација врз основа на род и етничка припадност

Приватниот Меѓународен Балкански Универзитет извршил интерсекциска дискриминација врз основа на род и етничка припадност врз неколку вработени Македонки, со прекинување на работниот однос без образложение зошто, со што на Школата за англиски јазик во рамки на универзитетот не останала ниту една вработена жена Македонка.

Комисијата во овој случај препорача, Меѓународниот Балканскиот Универзитет да го продолжи работниот однос на сите подносителки на претставката, а доколку има потреба од намалување на кадарот од деловни причини, истото да го стори преку донесување на методологија за бодување на кадарот заснована на неутрални критериуми. Исто така, на универзитетот му се препорачува да донесе и редовно да спроведува политика за еднаквост и недискриминација на работното место.

Директна дискриминација врз основа на јазик и етничка припадност

Во споена постапка заради иста предметна дејност, а по претставка поднесена од Демократската партија на Турците во Македонија и физичко лице од село Врапчиште, утврдена е директна дискриминација врз основа на етничка припадност и јазик. Министерството за внатрешни работи извршило директна дискриминација врз лицето од село Врапчиште во процесот на издавање лични документи, но и директна продолжена дискриминација врз основа на етничка припадност и јазик врз граѓаните од турска националност во процесот на издавање лични документи, со образложение дека нема доволно обрасци на турски јазик.

Комисијата му препорача на МВР да изврши набавка на доволен број обрасци на турски јазик за издавање на лични карти, возачки дозволи и пасоши, непречено да ги прима и да постапува по барањата на граѓаните за издавање на лични документи на други јазици и во иднина, во плановите за јавни набавки, прецизно да го дефинира бројот на потребните обрасци за издавање документи на другите јазици.

По упатените препораки, Министерството за внатрешни работи ја извести Комисијата дека се набавени доволен број на обрасци за лични документи на турски јазик, со што е овозможено континуирано и непречено постапување по барањата на граѓаните.

 

КСЗД

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан