• среда, 25 декември 2024

Крушево атрактивно за посетителите, снегот за продолжува зимската сезона

Крушево атрактивно за посетителите, снегот за продолжува зимската сезона

Крушево, 27 јануари 2024 (МИА) - Општина Крушево задоволна од текот на зимската сезона и посетеноста на градот. Иако на почетокот на сезоната и за празниците немаше снег, сепак капацитетите и во хотелското и во приватното сместување беа речиси исполнети. Новиот снег уште повеќе го зголеми интересот на гостите зимава да се биде во Крушево.

-Крушево останува атрактивна дестинација. Исполнетоста на капацитетите е преку 90 проценти. Иако за празниците и зимскиот распуст немаше снег, сепак се бараше легло повеќе и можност да се престојува во Крушево. Новиот снег е добредојден. Може да се користат авантуристичкиот парк, скијалиштето, жичарницата. Се најавија посетители да дојдат, а и спортски екипи. Освен тоа, деновиве во крушевското основно училиште „Никола Карев“ беше промовиран биатлонот како спорт и олимписка дисциплина, а меѓу младите има заинтересираност.  Секако, како локална самоупорава мора постојано да работиме на збогатување на понудата, зашто Крушево е атрактивно во сите четири сезони, вели Томе христоски, градоначалник на Крушево.

И угостителите му се радуваат на новиот снег.

-Без разлика на снегот, во почетокот на сезоната и за празниците, посетеноста беше одлична. Во хотелите беше со преку 80 насто исполнетост на капацитетите со гости. Главно се наши државјани, но имаме и странци. Крушево има што да понуди, а интересот уште повеќе се зголеми со новиот снег. На ски –терените има добра понуда, тука е адреналинскиот парк, а и прошетките и посетата на историските знаменитости се привлечни за туристите и гостите. Едноставно, посетителите уживаат во природата и чистиот воздух, Фанче Чонеска, угостителски менаџер.

Квалитетот на услугите е добар според побарувачката на посетителите и стандардите велат од здружението „Фил Крушево“.  Неопходно е проширување на капацитетите за сместување што ги нуди градот. Моментално Крушево располага со околу 1000 легла во хотелското и приватното сместување.

-Зголемувањето на интересот на посетителите да бидат во Крушево и повторно да се враќаат, укажува дека се задоволни со услугата. Меѓутоа тоа значи и дека е потребно да се прошират капацитетите. Барем 200 до 300 легла ќе значат многу повеќе за прифаќањето на гостите, вели Лефкија Гажоска од здружението „Фил Крушево“.ем/свс/

Фото: МИА

Остани поврзан