Критичарот на Путин, кој го обвини Вулин за прислушување во Белград, осуден на 25 години затвор
- Рускиот опозициски активист Владимир Кара-Мурза е осуден на 25 години затвор за предавство и други обвиненија поврзани со критиките за војната во Украина
Белград, 17 април 2023 (МИА) - Рускиот опозициски активист Владимир Кара-Мурза е осуден на 25 години затвор за предавство и други обвиненија поврзани со критиките за војната во Украина.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, Владимир Кара-Мурза во Србија се споменуваше кога изјави дека на средбата во Белград биле прислушувани членови на руската опозиција и дека тогашниот српскиот министер за внатрешни работи Александар Вулин, а сега шеф на Безбедоносно информативната агенција (БИА) и ги предал на Москва транскриптите од тие разговори.
Вулин го негираше тоа, нарекувајќи го Кара Мурза лажго.
- Смешно е што Вулин реагираше дури сега. Тоа беше толку одамна. Ќе потсетам дека на почетокот на декември беше објавено дека Вулин во мај долетал во Москва и на секретарот на Советот за безбедност Николај Патрушев му го предал транскриптот од нашите разговори, изјави тогаш Кара-Мурза за агенцијата БЕТА.
Според неговите зборови, српските медиуми објавиле дека Патрушев лично му се заблагодарил на Вулин за дадените информации, а потоа државната телевизија Русија 24 објавила прилог за тоа колку се одлични српските тајни служби бидејќи известувале „што прават русофобите“.
Поранешниот руско-британски новинар и политичар е последниот од голем број противници на Путин кои беа уапсени или принудени да избегаат од Русија.
Владимир Кара-Мурза ги отфрли обвинувањата и нагласи дека е горд на својата работа.
- Не само што не жалам за ништо од ова, туку и горд сум на тоа, рече тој на судењето.
Освен што ја критикуваше таканаречената „специјална воена операција“, како што Кремљ ја нарекува војната во Украина, Кара-Мурза отворено говореше и против претседателот Владимир Путин и неговата Влада.
Овој 41-годишникот одигра клучна улога во убедувањето на западните влади да ги санкционираат руските функционери за кршење на човековите права и корупција. об/ми/
фото: БЕТА