• понеделник, 23 декември 2024

Кристијан Шмит: Недозволиво е фотографиите на Младиќ и Изетбеговиќ да бидат во учебниците

Кристијан Шмит: Недозволиво е фотографиите на Младиќ и Изетбеговиќ да бидат во учебниците

Сараево, 15 октомври 2024 (МИА) - Високиот меѓунароен претставник во БиХ Кристијан Шмит во интервју за телевизијата FACE изјави дека ќе направи сè за да се подобри целокупниот образовен систем во Босна и Херцеговина, а потоа ги стави во иста реченица осудениот воен злосторник Ратко Младиќ и првиот претседател на БиХ Алија Изетбеговиќ, пренесува Klix.ba.

Шмит зборуваше за различните наставни програми во двата ентитета на БиХ и истакна дека не сака да види две училишта под еден покрив, туку дека е можно само едно училиште под еден покрив.

Рече дека треба заедно да седнат и да изработат заеднички курикулум, инаку тоа ќе биде предавство на младите генерации.

- Неприфатливо е во учебниците да се видат фотографии на Ратко Младиќ и Алија Изетбеговиќ. Зошто ставате слики? Дозволете им на децата да учат и да донесуваат сопствени одлуки, рече Шмит.

Изјавата предизвика бурни реакции во БиХ, особено меѓу Бошњаците, а реагираше и СДА, партијата во која беше член и покојниот Изетбеговиќ.
„Изјавата на високиот претставник Кристијан Шмит дека фотографиите во учебниците на Ратко Младиќ и Алија Изетбеговиќ се еднаков проблем е скандалозна. Недозволиво е овие две имиња да се споменуваат во иста реченица и да се изедначуваат во кој било контекст“, изјавија од СДА. ссм/

фото: архива

Остани поврзан