• среда, 25 декември 2024

Криминалот на подрачјето на СВР-Штип годинава намален за 10 отсто

Криминалот на подрачјето на СВР-Штип годинава намален за 10 отсто
Штип, 15 јули 2022 (МИА) - Вкупниот криминал на подрачјето на СВР Штип во изминативе шест месеци e намален за 10 отсто, информираше на денешната прес-конференција портпаролот на штипскиот СВР, Гордана Панајотова. Таа посочи дека имаат над 50 кривични пријави за недозволена трговија со дрога, поголема ефикасност во расчистувањето на кражбите и разбојништвата, како и намален број жртви во сообраќајот. - Посебен успех бележиме во делот на недозволената трговија со дрога со поднесени 41 кривична пријава за сторени 48 кривични дела, против 51 сторител, при што се запленети 88,5 килограми марихуана, 117 грама хероин и 35 грама кокаин. Постигната е ефикасност од 36 отсто во расветлувањето на тешките кражби и 50 проценти во расветлувањето на кривичните дела „разбојништво“. Јавниот ред и мир бележи намалување кај пријавените прекршоци за 7 отсто., вели Панајотова. Таа забележа дека во областа на сообраќајот се бележи намалување на сообраќајните незгоди со загинати лица за 33 проценти. - Имаме четири жртви во овој период. Споредбено со минатата година, истиот период,  животот го загубиле шест лица, додаде  Панајотова. Апелот е сите учесници во сообраќајот е да бидат внимателни и да ги почитуваат правилата и прописите во сообраќајот, а граѓаните да не фрлаат догорчиња и да не палат оган, поради опасност од предизвикување пожари. Во меѓувреме, продолжува и превенцијата, односно превентивните мерки и активности со цел заштита и спречување на кражби во домови и други јавни места. - СВР Штип апелира до граѓаните - пред да ги напуштат своите домови, да ги преземат сите неопходни мерки за заштита од тешки кражби и кражби како што се: заклучување на влезните врати, вратите од терасите, балконите, гаражите и подрумите и внесување во соодветни простории. Особено да бидат внимателни при користење на социјалните мрежи, односно да не објавуваат слики од места каде престојуваат, бидејќи тие се вистински извор на информации за крадците, додава Панајотова. Ваквите превентивни активности се спроведуваат во рамки на кампањата „Безбедно лето“, па пораката и понатаму останува дека сите небезбедни настани и појави треба и може да се пријават на телефонските броеви 192 и 112. вдј/сп/

Остани поврзан