• понеделник, 23 декември 2024

Кризниот штаб од Неготино бара од Владата прогласување кризна состојба поради пожарот на Серта

Кризниот штаб од Неготино бара од Владата прогласување кризна состојба поради пожарот на Серта

Неготино, 13 јули 2024 (МИА) - Алармантна е состојбата со пожарот на Серта, оценува Кризниот штаб Неготино и бара од Владата да прогласи кризна состојба. 

- Состојбата е алармантна, досега ангажирани се сите расположиви ресурси. Неопходна е многу поголема поддршка. Потребно е од страна на Владата да се прогласи кризна состојба. Да се обезбеди комплетна опрема за противпожарна заштита, со цел да може при гасењето на пожарот да интервенираат поголем број лица. Да се обезбеди дрон од СВР Велес и припадници на СВР Велес, кои ќе интервенираат при гасењето на пожарот, се заклучоците на Штабот за заштита и спасување на Општина Неготино по седницата одржана вечерва, кои за МИА ги потврди Гордана Јованова, командант на Штабот и советник во Советот на Општина Неготино. 

Диме Витанов, поранешен претседател на Советот на Општина Неготино и поранешен командант на Општинскиот штаб за заштита и спасување, вечерва на Фејсбук објави дека во рамки на своите можности ќе се вклучи во гаснењето на пожарот. Апелира секој што е во можност да го стори истото, а од Општискиот штаб за заштита и спасување бара да ги искористи сите ресурси од локално ниво што се на располагање.

- Согласно Законот за заштита и спасување, Штабот има можност да ги задолжи сите ЈП, ТД и институции на локално и регионално ниво за да ги користат нивните ресурси. Тоа значи вработени во АД ТЕЦ Неготино, вработени во МЕПСО (овие две ТД имаат свои противпожарни служби и опреми), вработени во ЈП Комуналец, ЈП Паркинзи, вработени во сите поголеми институции и приватни фирми, механизациите, моторните средства и возила кои ги имаат овие ТД мора да се стават на располагање. Апелирам до Општинскиот штаб за заштита и спасување, да побара од Владата прогласување на кризна состојба на територијата на општина Неготино, од причина што полесно ќе можат да располагаат со потребни ресурси за надминување на состојбите, напиша Витанов. 

Апелираше да се објави јавно соопштение за начинот на кој секој што е во можност да помогне, како да го направи тоа. свд/бак/


Фото : МИА

 
 
 

 

Остани поврзан