• недела, 22 декември 2024

Криза во мировните преговори меѓу колумбиската Влада и бунтовниците на ЕЛН

Криза во мировните преговори меѓу колумбиската Влада и бунтовниците на ЕЛН

Богота, 21 февруари 2024 (МИА) - Мировните преговори меѓу колумбиската Влада и бунтовниците на Националната ослободителна армија (ЕЛН) се во криза, соопшти герилската група, додека владата ги обвини бунтовниците за застој на процесот.

Двете страни во 2022 година ги продолжија разговорите, како дел од обидот на претседателот Густаво Петра да постигне „целосен мир“ меѓу владата и различните вооружени групи, откако во шестдеценискиот конфликт загинаа најмалку 450.000 лица, објавија британските медиуми.

ЕЛН соопшти дека учеството на владата во регионалните разговори со заедниците во провинцијата Нарино е спротивно на договорот со ЕЛН за одржување национален дијалог со поддршка на тела како што се Обединетите нации.

„Сега оваа фарса, маскирана како регионален дијалог, е јавна, процесот влегува во отворена криза и ние сме должни да ја поканиме нашата делегација на консултации“, се наведува во соопштението на ЕЛН објавено на нивната веб-страница доцна синоќа.

Во соопштението се наведува и дека мировните преговори ќе бидат „замрзнати“ додека владата не ја прилагоди својата позиција.

Владата ги исполни сите свои обврски, наведува нејзиниот преговарачки тим во сопственото соопштение, а на нивно барање води разговори со месните заедници.

„Одлуките донесени еднострано од страна на ЕЛН се нивна целосна одговорност и тие создаваат непотребна криза што ја продолжува вооружената конфронтација и насилството што го трпат заедниците, како и слабеењето на довербата на општеството во волјата (на бунтовниците) за мир“, се наведува во соопштението објавено рано утрово од владината делегација.сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан