Крива Паланка доби нови спортски трибини на фудбалскиот стадион
- Во Крива Паланка денеска официјално се пуштени во употреба новите спортски трибини на фудбалскиот стадион со капацитет од 1050 седишта.
Крива Паланка, 11 март 2026 (МИА) - Во Крива Паланка денеска официјално се пуштени во употреба новите спортски трибини на фудбалскиот стадион со капацитет од 1050 седишта.
Од локалната самоуправа на општината потенцираат дека со нив спортскиот комплекс во Крива Паланка се профилира како вистински центар за спорт, рекреација и здрав начин на живот, достапен за сите генерации.
Вредноста на проектот изнесува 3.4 милиони денари со ДДВ, финансиски средства обезбедени од Министерство за спорт на Република Македонија, преку средствата од унгарскиот кредит што Владата го обезбеди за поддршка на општините.
- Крива Паланка добива нова енергија со новоизградените трибини, создадени за нови спортски аплаузи и нови успеси, со јасна намера, да го вратиме големиот фудбал во градот. Крива Паланка повторно ќе живее за големиот фудбал, рече градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски.
Изведувач на градежните работи е ДГПТУ "Дине Трејд" ДОО, а надзор и технички преглед извршил "МГ Проект", ДООЕЛ Скопје.
Од општината нагласија дека продолжувааат со вложувања во развојот на спортската инфраструктура и подобрување на условите за спорт и рекреација во градот, а новите трибини го збогатуваат спортскиот комплекс и обезбедуваат подобри услови за спортистите, рекреативците и верните навивачи.
Инаку, во Крива Паланка во моментов не постои активен спортски фудбалски клуб што се натпреварува во голем фудбал. Со програмата за спорт општината за 2026 година има планирано да издвои 1.000.000 денари од општинскиот буџет за формирање клуб во голем фудбал.
Активно во областа на спортот се натпреваруваат во Прва А лига кошарка Кошаркарски клуб Крива Паланка, кој во моментов е првопласиран на прволигашката табела во поредокот, лигата во којашто под капата на КФМ активно се натпреварува осма сезона и е единствен македонски претставник во меѓународната ВАБА 2 лига, а дебитираше оваа сезона 2025/26 и се пласираше на петтото место од вкупно девет екипи.
Во првата лига и супер лигата Крива Паланка ги има и двата пинг-понг клубови ППК "Крива Паланка" и ППК "Крива Паланка 2007" што редовно се во друштвото на најдобрите во овој спорт и имаат бројни шампионски титули, а трета сезона во низа во првата футсал лига се натпреварува и општинскиот клуб КМФ "Осогово 2022". ид/сст/