• среда, 25 декември 2024

Коњуфца оптимист за зачленувањето на Косово во СЕ: Поставувањето нови услови би било нечесно

Коњуфца оптимист за зачленувањето на Косово во СЕ: Поставувањето нови услови би било нечесно

Приштина, 16 април 2024 (МИА) – Претседателот на Собранието на Косово, Глаук Коњуфца изрази оптимизам дека денеска на Парламентарното собрание на Советот на Европа, Косово ќе го помине вториот чекор за членство во Советот, за потоа да оди на последниот, на 16 мај годинава, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во изјава за медиумите по обраќањето на меѓународниот Форум за жените, мирот и безбедноста, Коњуфца рече дека е неправедно да се наметнуваат дополнителни услови за членство во СЕ.

- Денеска сум голем оптимист дека Косово ќе го помине овој втор голем чекор, затоа што тогаш останува уште само третиот. Во однос на тоа што сте го слушнале како нови услови, не мислам дека тоа го има во извештајот на г-ѓа (Дора) Бакојани (известувач за Косово во СЕ), не мислам дека е фер Косово да прими дополнителни услови од тие што можете сами да го прочитате во извештајот составен од експертите на СЕ. Тие еминентни експерти добија мандат да дојдат во Косово и да го оценат нивото на демократијата, човековите права и владеењето на правото, кои се трите најважни столбови на Советот, рече Коњуфца.

Тој додаде дека Бакојани во својот извештај за Косово нагласила дека има само еден критериум, а тоа е доделувањето на имотот на Дечанскиот манастир, кој, како што рече, Косово го решил како прашање.

Коњуфца вели дека би било неприфатливо ако владите на другите земји бараат други услови, бидејќи, како што рече, тоа би било „намерно нанесување штета на Косово“.

- По изготвувањето на извештајот, еминентните експерти ја прикажаа ситуацијата во Косово, додека Бакојани го изгради својот извештај врз нивните податоци, во кој се вели дека Косово има само еден критериум, што се однесува до членството, а критериумот е манастирот Дечани, што го решивме како прашање. Нема други дополнителни услови. Ако другите земји сакаат да наметнат дополнителни услови, тогаш мислам дека тоа е неприфатливо. Тоа е намерно нанесување штета на Косово и на неговиот интерес и воопшто не е добредојдено, кога самата госпоѓа Бакојани, која доаѓа од држава која не нé признава, вели дека услов е само манастирот, рече Коњуфца.

Собранискоот спикер вели дека формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство во Косово не е услов за зачленување во таа организација и дека тоа не е ниту споменато во извештајот на Бакојани.

- Во моментов велам дека Косово ќе се држи само до она што го гледаме како слово во извештајот на г-ѓа Бакојани. Извештајот не вели ништо за Заедницата пред зачленувањето. По зачленувањето, СЕ рече дека ќе формирам мониторинг комисија за Косово во врска со следните чекори во имплементацијата на таканаречените постоечки договори, од кои еден би можел да биде Заедницата, рече Коњуфца.иа/сд/

Остани поврзан