• среда, 25 декември 2024

Кочанскиот градоначалник очекува „Пејпр мил“ брзо да го реши проблемот со котелот

Кочанскиот градоначалник очекува „Пејпр мил“ брзо да го реши проблемот со котелот

Штип, 29 јуни 2022 (МИА) - Градоначалникот на Општина Кочани, Љупчо Папазов, смета дека фабриката за рециклирање хартија „Пејпр мил“ како сериозна компанија за брзо време ќе го реши проблемот со котелот. Оваа фабрика веќе трет ден не работи, откако беше направен увид од страна на Државниот инспекторат за животна средина. Папазов посочи дека нема комуникација со раководството на компанијата, но верува дека ќе постапат во насока на заштита на средината.

- Се надевам дека ќе има решение заради тоа што „Пејпр мил“ е сериозна компанија од меѓународен карактер која има фирми во повеќе држави од Балканот и сметам дека ќе одговорат на обврските и задачите што се наметнале како задолжување од страна на овластениот инспекторат. Немам таква комуникација и не го знам нивниот став, ама во секој случај сметам дека се работи за сериозна компанија и ќе постапат, најверојатно, во делот на заштитата на животната средина и заштита на здравјето и обезбедувањето на чист воздух на граѓаните на општина Кочани, рече Папазов, кој одговараше на новинарски прашања по состанокот за формирање на Координативно тело за справување со шумски пожари во Штип.

Фабриката за хартија „Пејпер мил“ веќе два дена не работи, па во случај на целосно престанување на процесот, Папазов смета дека ќе биде на штета на над 100 семејства чија егзистенција зависи од таму.

- За тоа треба да ги прашате нив. Во секој случај, ако се случи тоа, ќе останат 150 семејства без егзистенција, заради тоа што знаеме таму дека се луѓе коишто егзистираат од таа компанија. Се надеваме дека тоа нема да се случи, вели Папазов.

Граѓанските активисти постојано укажуваат дека не само „Пејпер мил“, туку дека има и други загадувачи, како што е и градската депонија. Според кочанскиот градоначалник мерки ќе може да се преземат откако ќе се изготви катастарот на загадувачи.

- Општина Кочани е влезена во кругот на шест општини за коишто се изработува катастар на загадувачи. Кога ќе биде готов овој проект, ќе ги имаме резултатите и ќе можеме конкретно да ги посочиме загадувачите. Тоа се Штип, Кавадарци, Кичево, Гевгелија, Кочани., истакна Папазов.

Според него и мерењата, Кочани не е најзагаден град.Триесетина до четириесет дена во годината и тоа во месеците јануари и февруари може да се сметаат како денови на загаден воздух, но во останатиот период ситуацијата не е иста, посочува Папазов. вдј/ев/

Остани поврзан