• понеделник, 23 декември 2024

Коцевски: Можна е јавнообвинителска одлука во врска со изборот на надзор над изградбата на автопатите од „Бехтел и Енка“

Коцевски: Можна е јавнообвинителска одлука во врска со изборот на надзор над изградбата на автопатите од „Бехтел и Енка“

Скопје, 3 јуни 2024 (МИА) - Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски најавува дека наскоро Јавното обвинителство би можело да излезе со одлука во врска со изборот на надзор над изградбата на автопатите од „Бехтел и Енка“. 

-Преземени се доста работи. Се работи таму за конзорциум од три фирми коишто се испитуваат. Досега има некои нелогичности во договорот. Се преземаат дејствија и јас сметам дека, можеби набрзо, Јавното обвинителство ќе излезе со јавнообвинителска одлука, вели државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 за предистрагата за тендерот за избор на надзор над изградбата на автопатите од „Бехтел и Енка“.

За предистрагата за тендерот за избор на надзор над изградбата на автопатите од коридорите 8 и 10-д, државниот јавен обвинител информира дека се преземени доста работи и дека наскоро, исто така, може да има јавнообвинителска одлука.

Прашан дали со ваквиот одговор сака да најави отворање истрага за овој случај, тој во интервјуто не одговара директно, туку вели дека многу работи се испитуваат токму во делот со лиценците, каде што, како што нагласува, на пример, фирмата „Електра солушнс“ обезбедила лиценца за надзор откако веќе била распишана јавната набавка.

Обвинителот Коцевски соопшти дека Љупчо Палевски-Палчо, првоосомничен за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, се уште не бил на распит бидејќи, како што рече, во моментот се вештачат предметите што ги донел со себе од Турција, а за кои проценката на предметниот јавен обвинител е дека може да бидат корисни за истрагата.

Коцевски, исто така, упати апел до медиумите да не даваат опис на дејствијата за тоа како се извршени кривичните дела во случајот со двојното убиство.

За случајот со хируршките сали во Клиничкиот центар, Коцевски, рече дека се проверува дали евентуално е сторено кривичното дело.

-Јавното обвинителство постапи по известување на министерот за здравство. Нема поднесено кривична пријава против евентуални пријавени, туку има само известување за она што се случило. Јавното обвинителство оформи предмет со тоа што отпочна процесни дејствија. Има сослушано голем број сведоци, собрано материјални докази, со тоа што постапката сè уште е во тек. За јавното обвинителство важно е во конкретниот случај дали евентуално постојат елементи за некакво кривично дело. Тоа би можело евентуално да биде диверзија од член 314 или саботажа од член 315 од Кривичниот закон, вели јавниот обвинител Коцевски.

Во интервјуто Коцевски, исто така, информира дека за три и пол месеци, колку што е на функцијата државен обвинител, за градоначалникот на Општина Струга Рамиз Мерко има поднесено четири обвиненија, а денеска е поднесено уште едно, петто обвинение за кривично дело несовесно работење во службата. Од информациите, како што рече, има околу, не знам точна бројка, можеби пет-шест предмети во Основното јавно обвинителство Струга.

Љупчо Коцевски е шеф на Јавното обвинителство околу три и пол месеци, откако беше избран од Собранието на 13 февруари годинава. сст/аа/

фото „360 степени“

Остани поврзан