• сабота, 23 ноември 2024

Коцевска: Нема потреба од носење на Закон за амнестија, треба поголема примена на условниот отпуст со заштитен надзор

Коцевска: Нема потреба од носење на Закон за амнестија, треба поголема примена на условниот отпуст со заштитен надзор

Скопје, 4 октомври 2024 (МИА) - Нема потреба од носење на Закон за амнестија само со една и единствена цел да се намали пренатрупаноста во затворите, туку треба поголема примена на условниот отпуст со заштитен надзор. Сето ова како законско решение го имаме и треба да биде почесто применувано, изјави судијката во Основниот кривичен суд Скопје, Билјана Коцевска пред почетокот на работилницата „Предизвици за надминување на затворската пренатрупаност“.

Судиите, според Коцевска, треба да се охрабрат да изрекуваат поголеми условни отпусти со заштитен надзор, како и примена на електронскиот надзор од причина што, како што нагласи, неколкуте закони за амнестија коишто беа досега донесени не ја постигнаа целта и можеби само моментално се намалува пренатрупаноста во затворите, но за многу кратко време повторно има пренатрупаност во затворите. 

-  Сметам дека судиите треба навистина да се охрабриме да даваме поголеми условни отпусти во насока на постигнувањето на целта не само на намалување на пренатрупаноста, туку и на постигнувањето на целта на казнувањето, намалување на рецидивизмот, а со тоа автоматски ќе се намали и затворската популација, односно пренатрупаноста, истакна Коцевска. 

Колку сум поборник за изрекување на алтернативна мерка со условна осуда со заштитен надзор, Коцевска нагласи дека во исто време е и толку голем поборник како член на Кривичниот совет за отповикување на условната осуда во случај кога осудените нема да ги исполнуваат обврските. 

- Можам да кажам дека веќе имаме и неколку отповикани условни осуди заради тоа што осудените не ги исполнувале обврските коишто им биле определени со условната осуда, односно со заштитниот надзор  и така и на тој начин само ќе можеме уште повеќе да допринесеме да ја смениме сликата дека условно осудените останале неказнети, посочи Коцевска.

Според Коцевска, во Основниот кривичен суд се изрекуваат многу условни осуди со заштитен надзор, нагласувајќи дека имаат многу добра соработка со пробациската служба во рамки на Кривичниот суд. 

- Во секојдневна комуникација сме со нив и верувајте дека се навистина огромни придобивките од примената на овој институт од причина што јас пред да го закажам судењето барам проценка на ризик од пробациската канцеларија, ми даваат детален извештај и јас добивам комплетна слика за структурата на личноста на обвинетиот со предлог-обврски кои би можеле да бидат изречени што секако не сум врзана, со тоа може да бидат тие, може да бидат и тие и некоја друга, а по правосилноста на пресудите добиваме редовни извештаи од страна на пробациската канцеларија како се одвива надзорот односно спроведувањето на обврските, изјави Коцевска.

Поразително, вели Коцевска, е што бројот на изречени условни осуди со заштитен надзор во другите судови ако не е на нула, e еден процент.

Пробација, посочи Коцевска, за да може да биде изречена е врзана со алтернативната мерка условна осуда, така што условна осуда може да биде изречена највисока утврдена казна затвор од две години која нема да се изврши доколку во наредните пет години не стори некое ново кривично дело. 

- Утврдената казна затвор од две години може да биде изречена и во случаи на одредбите од член 40 и 41 од КЗ за ублажување на казната. Пример, ако имаме запретена казна затвор од најмалку четири години можеме најмногу да ја ублажиме до две години и во таков случај можеме да изречеме условна осуда со заштитен надзор, изјави Коцевска.

Ирена Здравкова од Македонското здружение на млади правници, кои се организатори на денешната работилница, посочи дека како здружение се залагаат за пробацијата и дека според нив тоа е иднината преку која првенствено ќе се намали и рецидивизмот и секако ќе се намали и пренатрупаноста. 

- Факт е дека рецидивизмот стапката е се уште висока, секое второ лице кое што е во затвор всушност е повратник и за таа цел мора да се работи заеднички. Од аспект на заедничка работа многу е битно дека треба да постои меѓуинституционална соработка во која што ќе бидат вклучени судиите. Добро е што имаме и поддршка од Управата за извршување на санкции, Министерството за правда, меѓутоа секако и локалните заедници, невладиниот сектор и социјалните служби – институции бидејќи ова е еден сеопфатен процес во којшто секој треба согласно својата надлежност да помага да лицата не се вратат повторно во затвор, изјави Здравкова.  

Ако се залагаме за повеќе условни осуди со заштитен надзор, според Здравкова, тоа значи дека ќе имаме повеќе лица, пробациски канцеларии коишто ќе го следат поведението на лицата коишто се отпуштени и притоа ќе можат да дадат извештај – известување до судот да доколку не се следат мерките тие повторно да се вратат во затвор. аа/бак/

Фото: МИА

Остани поврзан