Костофски и Фетаху учествуваа на првиот состанок во Тирана на Комисијата за признавање на националните малцинства
- Потпретседателот на Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Ендрит Фетаху и претставничката на Македонците во Комитетот за национални малцинства, Марјана Костофски-Фелах, денеска учествуваа на првиот состанок на Комисијата за признавање на националните малцинства во Тирана.
Дебар, 27 мај 2025 (МИА) - Потпретседателот на Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Ендрит Фетаху и претставничката на Македонците во Комитетот за национални малцинства, Марјана Костофски-Фелах, денеска учествуваа на првиот состанок на Комисијата за признавање на националните малцинства во Тирана.
Средбата ја раководеше Анди Махила, заменик министер за внатрешни работи, а на истата учествуваа претставници на институции, Комитетот за национални малцинства и претставници на граѓанското општество.
-Ова е важен чекор за да се обезбеди остварување на специфичните права на лицата кои припаѓаат на национално малцинство, кои се неопходни за заштита на карактеристичниот идентитет на националните малцинства, како суштинска компонента на интегрираното општество и кои гарантираат недискриминација и целосна еднаквост пред законот, оценето е на средбата, објави Министерството за внатрешни работи.
Според објавата се разговарало за првите барања и случаи поднесени од граѓани, а биле утврдени конкретни чекори за продолжување на нивното разгледување согласно одлуките донесени од албанската Влада во спроведувањето на Законот „За заштита на националните малцинства во Република Албанија“.
Овој процес има за цел да ја зајакне заштитата на правата на националните малцинства, да промовира еднаквост во општеството и да го постигне исполнувањето на меѓународните стандарди на ова поле. вт/дма/
Фото: МВР