• среда, 25 декември 2024

КОСТАЛ Македонија со нов инвестициски процес од 50 милиони евра и 300 нови вработувања

КОСТАЛ Македонија со нов инвестициски процес од 50 милиони евра и 300 нови вработувања

Охрид, 6 јуни 2023 (МИА) - Најмалку 300 нови вработувања и 50 милиони евра во опрема и нови технологии предвидува новиот инвестициски циклус на КОСТАЛ Македонија што ќе почне од јули годинава, а предвидено е да трае до крајот на 2026 година.

Тоа го соопштија на денешната средба со новинарите генералниот менаџер на компанијата Виктор Мизо, главниот оперативен директор на КОСТАЛ аутомотив и претседател на КОСТАЛ за Европа Хансјоерг Херман и Кристијан Клајн извршен потпретседател за човечки ресурси во групацијата.

Најновите системи за хибридни електрични возила на Фолксваген групацијата, односно Фолксваген, Ауди, Шкода и Сеат системи ексклузивно за глобалното производство на Фолксваген ќе се произведуваат во Охрид.

-Ова е нова понапредна технологија од постоечката која ја имаме. Ова ќе биде нов 11 киловатен систем. Истовремено ќе имаме и нови кровни модули за Мерцедес групацијата, што значи дека сето тоа што е од А, Б и Ц класа Мерцедес, вклучувајќи ги и електричните возила, како и кровните модули ќе се произведуваат тука, истакна Мизо.

Тој појасни дека во фабриката на КОСТАЛ во Охрид ќе се произведува и најновата SkinTec технологија, која во иднина ќе применува во производство на возилата.

- Според ланските околу 100 милиони евра годишен обрт ние планираме до крајот на оваа декада да стигнеме со обрт од над 550 милиони евра, што значи дека би пораснале повеќе од пет пати. Со овие дополнителни технологии најголем дел од новите вработувања нема да бидат само од луѓе, кои ќе работат на производна линија, туку и вработување на инженери и техничари. Во блиска иднина планираме да имаме и дополнителен центар за развој, за креирање на производните линии, истакна Мизо.

Тој забележа дека компанијата, но и општо странските инвестиции во земјава добиле поддршка од државата за усогласување на царинските стапки и адаптирање на целиот процес на државна помош.

- Но, постојат некои работи кои сметам дека треба да се подобрат. Се очекува подобра и подлабинска поддршка од страна на институциите на државата, како и усогласување и изедначување на условите за третман. Тоа е неопходно бидејќи сите компании треба да играме по исти правила и истовремено исполнување на инфраструктурните обврски, додаде Мизо.

Компанијата КОСТАЛ во Охрид почна со работа од 2016 година и во моментот има над 1.000 вработени. сс/мс/

Фото МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан