• понеделник, 23 декември 2024

Костадиновски: Судиите мора да се совесни, независни и бескопмпромисни во борбата за правда

Костадиновски: Судиите мора да се совесни, независни и бескопмпромисни во борбата за правда

Скопје, 25 октомври 2024 (МИА) - Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски говореше на Втората годишна конференција на Балканскиот форум на уставни судови, на темата „Уставните судови како чувари на демократските вредности и принципи: рамнотежа помеѓу извршната, законодавната и судската власт во современите општества” што се одржува во Приштина.

Во својот говор, Костадиновски се осврна за уставно-правната реалност во Република Северна Македонија, улогата на судскиот активизам и поделбата на власта во нашата држава низ примери од судската пракса. 

-Доминантниот модел на либералната демократија, конституционализмот го дефинира со способноста на уставните судови да ја ограничат политиката (власта), ставајќи акцент на заштитата на човековите права и приматот на правото над политиката. Не случајно се прераскажува една анегдота за рибарската мрежа во која се заробуваат само ситните и слаби риби, додека оние поголемите успеваат да ја искинат. Таа мрежа е симболиката на хендикепиран правен систем кој нема цврсти механизми да ги ограничи неправата произведени од апстиненцијата на начелото „поделба на власта”. Концептот на „неоконституционализмот“ Уставот го разбира како “закон над законите” како „закон создаден од народот за регулирање и ограничување на владата“. Оттука, овој доминантен модел, привилегијата на толкување на Уставот, неговите вредности, принципи и норми, разбирливо го доделува на уставните судови, кои се врховни и авторитативни толкувачи, додека обврската на сите други органи на државната власт е да се усогласуваат со Уставот и одлуките на Уставниот суд, посочи Костадиновски. 

За начелото на поделба на власта и последиците од предоминација на една над останатите власти, а следствено на тоа поткопувањето на довербата во системот и институциите, Костадиновски во говорот потенцираше на потребата од промени во уставно-правната култура и преминот од стабилна во зрела демократија. 

-Зрелата демократија подразбира високо ниво на уставна и политичка култура, реална а не лажна посветеност на владеењето на правото, стабилни независни институции, институции кои го издржале тестот на времето и можат ефикасно да се справат со предизвици како политички кризи, економски, здравствени, какви било падови, длабоко вкоренети демократски норми кои ги почитуваат основните слободи и права на граѓаните, безкомпромисни Уставни судови кои ќе бидат гаранти на владеењето на правото. Дали ќе биде лесно? Не воопшто, но и најдолгиот пат почнува со првиот чекор. Кој би бил првиот чекор? По мене правилно разбирање на политиката и правото. За правилно разбирање на политиката, нејзините носители, неопходно е да се потсетат на она што Макс Вебер го посочи како особини коишто треба да ги поседува политичарот – страста, одговорноста и одмереноста. За правилно разбирање на владеењето на правото, судската власт особено уставните судии, треба да ги поседуваат следните клучни особини – совест, независност и бескомпромисност, посочи Костадиновски.

Втората годишна конференција се одржува во Приштина, Косово каде што се одбележува и 15 годишен јубилеј од основањето на Уставниот суд на Косово.

Во текот на денот, како што се наведува во соопштението од Уставниот суд, се одржува работен состанок на земјите-членки и набљудувачи на Балканскиот форум на уставни судови. дма/са/

Фото: Уставен суд 

Остани поврзан