• сабота, 23 ноември 2024

Костадиновска - Стојчевска: Младите се најголеми поддржувачи на европскиот пат на државата

Костадиновска - Стојчевска: Младите се најголеми поддржувачи на европскиот пат на државата

Скопје, 2 септември 2023 (МИА) - Младите од Северна Македонија и од Грција градат европска иднина преку фестивалот „Доживеј ја соработката“, смета министерката за култура Бисера Костадиновска - Стојчевска.

Како што информираат од Министерството за култура, таа денеска пред инфо-точката за младинска соработка „Спојувалка“, се обрати на отворањето на второто издание на младинскиот фестивал „Доживеј ја соработката“, каде учествуваат млади луѓе од земјава и од Република Грција.

- Во денешниов свет не е возможно да останете настрана од глобалните процеси, каде што нашиот најголем национален и државен интерес е да градиме партнерство со сите оние за кои Европа е домот кој нѐ интегрира и нѐ поврзува. Република Северна Македонија е држава која сигурно чекори кон својата иднина при што, убедена сум, нејзини најголеми поддржувачи кон европскиот пат, се токму младите, изјави министерката во Валандово.

Како што се додава во соопштението, таа кажа дека луѓето што ги сретнала денеска во градот и атмосферата што ја создаваат активностите на младите, се потврда на нејзината идеја дека „соработката на идните носечки умови во Европа со својата нова автентична колективна енергија, уште еднаш потврдува дека пријателството, идеите, креативноста и посветеноста, го обликуваат светот во кој живееме“.

Според Костадиновска-Стојчевска, фестивалот е одлична можност за поттикнување на потенцијалот на младите генерации, да се дружат, да се забавуваат, да се запознаваат и да соработуваат преку широк спектар активности, како интересни спортски игри, квалитетни културни содржини, музика, гастрономија.

- Верувам и знам дека фестивалот и во иднина ќе биде место каде што соработката ќе цвета, каде што идеите ќе се споделуваат, а инспирацијата ќе се множи. Заедно можеме да го изградиме светот што го сонуваме - свет полн со инклузивност, разнообразност и непрекинат стремеж за нови постигнувања, додаде Костадиновска-Стојчевска.

Младинскиот фестивал „Доживеј ја соработката“ го организираат Младинскиот сојуз од Крушево и „SEE in Action“ од Република Грција, кои се и иницијатори за формирање канцеларии за младинска соработка меѓу младите од двете држави, „Соработка за заедничка иднина“, поддржани од амбасадите на САД и на Германија. бд/вг/

Фото: Министерство за култура

Остани поврзан