• среда, 25 декември 2024

Костадиновска-Стојчевска на изложбата ИАС’23: Младите архитекти се иднината на модерната држава

Костадиновска-Стојчевска на изложбата ИАС’23: Младите архитекти се иднината на модерната држава

Скопје, 15 февруари 2024 (МИА) - Министерката за култура во техничката Влада, Бисера Костадиновска - Стојчевска денеска на Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје присуствуваше на отворањето на изложбата на архитектонски студија ИАС’23. Таа вели дека младите архитекти се иднината на модерната држава, се наведува во соопштението на Министерството за култура.

Станува збор за традиционална изложба, каде пред стручната и пошироката јавност се претставени студентските проекти и работа на новите генерации архитекти, дел од Архитектонскиот факултет во Скопје.

- Изложбата на архитектонски студија ИАС’23 што на едно место ги обедини студентите, професорите и љубителите на архитектурата, ни овозможи преку прикажаните проекти да се запознаеме со визиите, талентот и креативноста на младите архитекти, но и со најновите тенденции и предизвици во областа на архитектурата, се наведува во писмената изјава на Костадиновска - Стојчевска.

Таа додава дека проектите на овие млади архитекти ја презентираат силата што нашата држава ја има во оваа сфера.

- Вложувањето во студентите е долгорочен и стратешки интерес на секоја земја и секое модерно општество, а изложбата е потврда и показател за квалитетниот млад потенцијал со кој располага нашата земја, која има традиција во создавањето на кадар кој во иднина ќе претставува препознатлив белег на нашиот културен мозаик и во земјата и надвор од неа, се додава во соопштението.

Костадиновска-Стојчевска истакнува дека сите проекти што се дел од изложбата, несомнено заслужуваат сечиј почит и признание. бд/ев/

Фото: Министерство за култура

Остани поврзан