• недела, 22 декември 2024

Косовската Влада осветлена со боите на украинското знаме

Косовската Влада осветлена со боите на украинското знаме
Приштина, 22 февруари 2022 (МИА) – Зградата на Владата на Косово вечерва осамна со боите на знамето на Украина, во знак на поддршка за таа држава во актуелниот конфликт со Русија, јави дописникот на МИА од Приштина. Косовскиот премиер Албин Курти на неговата страница на Твитер објави фотографии од зградата на Владата украсена со светла во боите на Украина, порачувајќи дека Косово се солидаризира со државата чиј дел од територијата е окупиран од Русија. -Независно од тоа колку се темни времињата и колку е тешка борбата, историјата ги фаворизира праведните. Во ова критично време за украинскиот народ, ние ја осветливме владината зграда за да ја изразиме солидарноста на народот на Косово со народот на Украина, напиша Курти. Во Собранието на Косово денеска се отвори расправа за кризата предизвикана од стационирањето на бројни руски сили на границата со Украина и со признавањето на независноста на украинските области Луганск и Доњецк од страна на официјална Москва, односно од рускиот претседател Владимир Путин. Премиерот Курти во обраќањето од собраниската говорница изјави дека Косово, и во оваа ситуација, како и секогаш „ќе биде на страната на Европската Унија, Соединетите Американски Држави и НАТО“, додека косовското Министерство за надворешни работи се огласи со соопштение, во кое го обвини Путин дека „уште еднаш отвора војна против една мирољубива демократија“. Најголемата опозициска партија во косовското Собрание, Демократската партија на Косово, побара од премиерот Курти, поради ситуацијата во Украина, да го свика Советот за национална безбедност и да воведе санкции кон Русија доколку тоа го сторат ЕУ и САД. иа/

Остани поврзан