Коровешовска од „Јас сум жена“, за МИА: Не постојат посилни суштества на земјава од бебињата и мајките кои сами се грижат за своите деца
- Често велам, не постојат посилни суштества на земјава од бебињата и мајките кои сами се грижат за своите деца. Бебињата бидејќи светот е нивен, допрва го осознаваат, ништо не ги плаши. Мајките кои се сами со децата, прават чуда, создаваат такви фасцинантни животни успеси - што некогаш со децении, во заедница не можат ни да се замислат. Да не се разбереме дека не верувам во семејство, напротив. Само се обидувам да ја илустрирам „машката“ енергија што ја има жената, вели Искра Коровешовска за МИА од невладината „Јас сум жена“!
Скопје, 23 август 2025 (МИА)
Ана ЦВЕТКОВСКА
Еднаквоста мора да значи иста можност за сите без разлика на полот, да се себерeализираат, иста достапност на услуги, исто право да се пронајдат, да изберат, да создадат, да остават белег, вели во интервју за МИА новинарката Искра Коровешовска, која е една од основачките на Здружението „Јас сум жена“, а со која во оваа прилика разговаравме за машко-женскиот свет во контекст на активностите, кои ги спроведуваат, но и во една поширока смисла за тоа што значи денес да бидеш жена во македонското општество.
Појаснувајќи го значењето на логото, кое го искреирале за ова Здружение, Коровешовска потенцира дека суштината е во балансот. Тоа е во форма на буквата „Ж“, но со подлабока симболика. Коровешовска вели средната линија во логото е р`бетот, онаа линија на грбот на жената, што ја држи исправена, што повторно е симбол на една машка енергија што особено македонската жена ја има. Додава ја разбудила во себе, низ вековите на лична и општествена борба. Вели и дека машкиот и женскиот симбол во нивното лого значи дека ја признаваат рамнотежата, но и ја нагласуваат еднаквоста.
Од 26 до 28 септември во Скопје по четврти пат ќе се одржи глобална женска лидерска конференција „Јас сум жена“, а Коровешовска вели дека традиционалната панел дискусија „Македонките во светот“ и оваа година носи извонредни реализирани жени, кои сакаат да придонесат дома. Имињата ќе ги објават наскоро, а ексклузивно за МИА открива дека оваа година имаат гостинки од Америка, одговорни за демографските предизвици во САД и сето она со што се соочува американската мајка, во рамките на новата администрација предводена од Доналд Трамп.
-Се работи за Кимберли Флечер од организацијата „Мајките за Америка“. Во „Јас сум жена“ таа виде движечка енергија што може да помогне во враќањето на вистинските вредности. За прв пат доаѓа во Македонија, благодарение на „Јас сум жена“. Ќе најави проект од силно значење за нас, ќе го слушнете на конференцијата. Всушност, доаѓа благодарение на претседателката Ана Дукоска - извонредна жена. За неа јавноста знае од нејзините настапи, по безмалку 20 години живеење во САД - си дојде дома, и вели „време е да и дадам на Македонија“. Да заокружам: вреди да се биде учесник оваа година, датумите се 26, 27 и 28 септември во Скопје, локацијата и можностите за регистрација наскоро ќе ги соопштиме, нагласува Коровешовска.
Со Коровешовска разговараме и за објавената ревизија на ДЗР за недоволно почитување на Истанбулската конвенција од страна на институциите особено во однос на обезбедување соодветна и ефективна поддршка, заштита и реинтеграција на жените жртви на родово базирано и семејно насилство.
-За жал, неопходно е подигнување на свеста. Велам „за жал“ бидејќи додека не се случи самоосвестување преку разговор со себе: Каде се наоѓам? Зошто ова ми се случува? Како да направам да сум среќна? Што да преземам? - жртвите остануваат заробени. Така се навикнуваат на навидум комфорната зона, мислејќи дека само тоа е можно и нема излез. А изборите сме ние, самите ги правиме. Колку и да звучи сурово, но одговорноста е на жртвата и ако го пријави насилството и ако не го пријави. Но, врз „заробеноста“ влијаат и институционалната недостапност и не-нудење заштита. Е тоа е вториот клуч. Ако креаторите на јавните политики не ја сфатат нивната клучна улога во создавање социјални услови за здрав живот во државава, тогаш треба да има одговорност и санкции оти биле на позиции, а не нашле решенија. За здраво општество, треба здрави услови за живот. Со ваква институционална негрижа, нема да го имаме, нагласува Коровешовска.

Новинарството ти е примарна професија, но исто така си и една од основачките на здружението „Јас сум жена“, зошто едно вакво Здружение во плејадата вакви организации, по што се разликувате од останатите?
-Десеттина години наназад, во нашата држава се појави тенденција на создавање на низа невладини организации во чија визија за наводна демократизација на македонското општество, се криеја (нечии) други, туѓи, стратегии - но, никако во полза на македонските национални интереси. Веднаш да кажам дека тука не мислам на, и само на идентитетските прашања, туку на вистинскиот вредносен систем кој се уриваше, преку исклучиво „солење памет“ од т.н. лева идеологија, и гласно медиумско викање дека „десните“ се простодушни конзервативци, заробени во минатото и немаат мисија. Годините потоа тендинцијата прерасна во реалност. Македонскиот вредносен систем падна на колена, со наведната глава. Но паѓањето е будење, нели, па енергиите на корените, негување на вистинските вредности (семејни, образовни, научни, културолошки) споија неколку жени од овде и низ светот, и така се случи Првата женска лидерска конференција „Јас сум жена“, 2022 година. Жени, Македонки, кои создаваат дома, но и во најдалечните земји во светот, научнички, на високи позиции во светски компании, иновативни умови - во неколку панел дискусии на различни општествено-предизвикувачки теми, анализираа и нудеа стратешки концепти за надминување на предизвиците. Тогаш, креаторката на оваа замисла да ги седне во иста сала, Македонките од дома и светот - Ана Дукоска, предложи фантастична идеја: „Јас сум жена“ да прерасне во здружение чија примарна цел е вмрежување на брилијантните македонски женски умови од цел свет. Следната година, се случи!
Кои се активностите на кои сте насочени, што е она што вашите членки го добиваат како придобивка во сопственото живеење, себереализација како жена во македонското општество?
-Будењето како состојба, е својствено за женската енергија: буди (создава) живот, буди енергија, емоции, идеи, креира. Па и кога вакви енергии се спојуваат, зарем не се случуваат чуда? А сите ние сме над 90 проценти енергија. Чуда се возможни ако во себе длабоко погледнеме - сите одговори се тука, се е остварливо. Така и се создаде „Јас сум жена“, затоа и постои, да помогне во промените, да си ги вградиме вредностите. Во таа насока, организираме настани и нудиме програми, проекти, работилници, предавања на домашни и странски експерти на сите теми од интерес на една жена, со аспирации и амбиции да биде пред сè независна, финансиски стабилна, образована и опремена со сите вештини и квалитети за да биде суштински фактор во општеството, кој ќе ги донесе потребните промени и ќе создаде повеќе можности за идните генерации.
Колку членки има здружението и каква поддршка им нудите?
-Интересот за зачленувањето и приклучувањето кон тимот на „Јас сум жена“ беше силен, уште од првиот момент. Долго време имавме дилеми како да го поставиме (во техничка и финансиска смисла) за да не добие предзнак на профитабилна - една од многуте „машини за пари“ невладини организации. Но, за да се добие, мора да се вложи. Оттука и конечно оваа година пронајдовме модул на симболична членарина. Од тој момент секој ден расте бројот на нови членки. Неблагодарно е да зборувам за бројка, бидејќи е променлива: денеска веќе има повеќе од вчера. На конференцијата, чиј датум се ближи, ќе ги објавиме бројките. И таа не е единствена. На веб страната jassumzena.mk се достапни сите проекти. Силен впечаток и интерес предизвикува Женскиот економски форум што се организира секоја година на различни теми околу буџетирањето, старт ап бизниси и финансиска писменост. Вклучени се и најмладите. Подготвуваме и менторска програма од исклучителни жени чија специјалност се различни области, а преку кои заеднички растеме во личниот и професионален развој.

На вашиот сајт имате интересна приказна за значењето на вашето лого, кое преставува своевиден баланс на машката и женската природа, што за тебе подразбира еднаквост?
-Суштината, а не формата. Тоа е важно. Во свет на формалности без суштинска вредност, преживувањето е само во вистината. А што е вистина?! Суштината е! Да не звучам многу филозофски, светот е создаден во баланс. Ако ја нема тагата, како ќе ја има среќата? Ако го нема црното, како ќе го видиме белото... Логото на „Јас сум жена“ е првата буква од зборот „жена“, средната линија е р`бетот- онаа линија на грбот на жената, ја држи исправена - што повторно е симбол на една машка енергија што особено македонската жена ја има. Ја разбудила во себе, низ вековите на лична и општествена борба. Машкиот и женскиот симбол во нашето лого значи дека ја признаваме рамнотежата. Но, ја нагласуваме еднаквоста. За мене таа е суштинска. Еднаквоста мора да значи иста можност за сите без разлика на полот, да се себерализираат, иста достапност на услуги, исто право да се пронајдат, да изберат, да создадат, да остават белег.
Дали според тебе живееме во машки свет, во кој е тешко да дојде до израз женската природа?
-Повеќе би рекла, принудени сме да ја разбудиме и извадиме од себе машката енергија за да се издржат секојдневните предизвици. Често велам, не постојат посилни суштества на земјава од бебињата и мајките кои сами се грижат за своите деца. Бебињата бидејќи светот е нивен, допрва го осознаваат, ништо не ги плаши. Мајките кои се сами со децата, прават чуда, создаваат такви фасцинантни животни успеси - што некогаш со децении, во заедница не можат ни да се замислат. Да не се разбереме дека не верувам во семејство, напротив. Само се обидувам да ја илустрирам „машката“ енергија што ја има жената. Што се однесува до вториот дел од прашањето: не мислам дека во моите личните амбиции машкиот свет не дозволил да дојдам до израз. Автентична сум. Своја. Нема слична на мене. И на ниедна друга жена. Но, и на ниеден друг маж. Верувам во животот и во се што правам, и знам дека се што сум наумила сум реализирала - во свое време. Некогаш боли, некогаш е „темно“, ама за да успееш треба да доживееш неуспеси. Во тоа според мене е суштината на се.

И оваа година ја организирате веќе препознатливата глобална женска лидерска конференција „Јас сум жена“. Кога ќе се одржи и која ќе биде овогодишната тема?
-Творечките енергии се препознаваат. Се повеќе успешни Македонки во светот се идентификуваат со концептот на „Јас сум жена“. Традиционалната панел дискусија „Македонките во светот“ и оваа година ни носи извонредни реализирани жени, кои сакаат да придонесат дома. Имињата наскоро ќе ги објавиме, кога и официјално ќе ја отвориме регистрацијата. „Македонки во нетипични професии“ е уште една традиционална „панелка“ бидејќи не знаете колку Македонки работат нетипично женски професии во земјава. И тоа единствени се. Со повеќе образование, признанија и награди од мажите. Ексклузивно ви откривам дека оваа година имаме гостинки од Америка, одговорни за демографските предизвици во САД и сето она со што се соочува американската мајка, во рамките на новата администрација предводена од Доналд Трамп. Се работи за Кимберли Флечер од организацијата „Мајките за Америка“. Во „Јас сум жена“ таа виде движечка енергија што може да помогне во враќањето на вистинските вредности. За прв пат доаѓа во нашата земја, благодарение на „Јас сум жена“. Ќе најави проект од силно значење за нас, ќе го слушнете на конференцијата. Всушност, доаѓа благодарение на претседателката Ана Дукоска - извонредна жена. За неа јавноста знае од нејзините настапи, по безмалку 20 години живеење во САД - си дојде дома, и вели „време е да и дадам на татковината“. Да заокружам: вреди да се биде учесник оваа година, датумите се 26, 27 и 28 септември во Скопје, локацијата и можностите за регистрација наскоро ќе ги соопштиме.
Деновиве излезе ревизијата на ДЗР за успешноста во сроведување на Истанбулската конвенција, податоците се загрижувачки, меѓу другото се наведува: „Мерките и активностите на институциите не обезбедуваат соодветна и ефективна поддршка, заштита и реинтеграција на жените жртви на родово базирано и семејно насилство“. Ова не е отсега, се провлекува низ годиние, каде ти го гледаш решение да се поместат работите, да се подигне свеста?
-За жал, неопходно е подигнување на свеста. Велам „за жал“ бидејќи додека не се случи самоосвестување преку разговор со себе: Каде се наоѓам? Зошто ова ми се случува? Како да направам да сум среќна? Што да преземам? - жртвите остануваат заробени. Така се навикнуваат на навидум комфорната зона, мислејќи дека само тоа е можно и нема излез. А изборите сме ние, самите ги правиме. Колку и да звучи сурово, но одговорноста е на жртвата и ако го пријави насилството и ако не го пријави. Но, врз „заробеноста“ влијаат и институционалната недостапност и не-нудење заштита. Е тоа е вториот клуч. Ако креаторите на јавните политики не ја сфатат нивната клучна улога во создавање социјални услови за здрав живот во државава, тогаш треба да има одговорност и санкции оти биле на позиции а не нашле решенија. За здраво општество, треба здрави услови за живот. Со ваква институционална негрижа, нема да го имаме.
Жени во новинарството, работна сила, но се уште малцинство на раководни позиции, зошто?
-Веројатно затоа што потешко се манипулираат. Многу се темелни и прецизни во барањата, стратешките планирања, интуитивни се и затоа тешко оди да ги манипулирате. Оттука се и комплицирани, а во балканските општества работите се решаваат на „балкански начин“, се уште, за жал.
Колку ти како новинарка си се соочила со шовинизам, мизогинја заради искажан став, објавен прилог...?
-Многу пати. Особено заради мојата љубов кон татковината, кон оваа земја, националните интереси, изразени преку мојата секојдневна работа во последните години, болните процеси на промена на името... Апсурдот е што никогаш не ја спореле мојата професионалност, туку ова другото. И тоа е тажно за едно општество. И не е само тоа. Ми се случи и сексуално вознемирување, кое премина и во друг тип закани. Јас и уште една колешка новинарка, од иста личност. Во нашиот случај човекот беше санкциониран соодветно.

Жени и политика и тука мнозинството се мажи, престојат локални избори, повеќе кандидати од кандидатки за градоначалници, како и секогаш, како да се постигне одреден баланс?
-Балансот во се во животот се постигнува кога го бришеме стравот, а размислуваме и одлучуваме само и само од позиција на љубов. Тогаш не се плашиме од другиот, од спротивниот пол на пример, напротив. Го стимулираме другиот, заедно да се унапредуваме, да се градиме. Така ќе имаме Македонија каква што сакаме. Политичките партии во Македонија, од многу политички функционери се доживуваат како можност да се „изнаживеат“. Нивната неизживеаност и исфрустрираност во младоста „со полна пареа“ ги надокнадуваат кога се на партиски функции. Партиската функција е политичка улога, ама нејзината цел не е индивидуално уживање, туку давање безусловно на стекнатото знаење и вештини во име и за одредена повисока - државна цел.
Искра колку е лесно да си жена во вистинска смисла на зборот во денешно време?
-Уживам во сопствената кожа, баш сега и баш ваква каква што сум. Среќна и благодарна. Не бев од секогаш, научив. А како? Со неоткажување, со работа на себе, постојано надградување. Во тоа е леснотијата.
Фото: Аслан Вишко