• сабота, 23 ноември 2024

Концерт на „Џим Политис квартет“ од Грција на „Скопско лето“

Концерт на „Џим Политис квартет“ од Грција на „Скопско лето“
Скопје, 6 јули 2022 (МИА) - На платото на ТЦ „Ист гејт“ вечер од 21 часот во рамки на „Скопско лето“  концерт со свинг и џез ноти ќе одржи „Џим Политис квартет“ од Грција. Во составот на квартетот се гитаристите Џим Политис и Јоргос Пациотис, Костас Арсенис на контрабас и Серџио Хрисовицанос на виолина. Дирекцијата за култура и уметност-Скопје (ДКУС), организатор на летниот скопски фестивал, соопшти дека по многу години учествуваат уметници од Грција во програмата. Концертот ќе се одржи под мото „Вложуваме во културата која нѐ спојува“ и е под покровителство на Генералниот секретаријат за грчка дијаспора и јавна дипломатија при Министерството за надворешни работи на Грција и со поддршка од Канцеларијата за јавна дипломатија на Амбасадата на Грција во Северна Македонија. Како што информира ДКУС, на настанот ќе се обрати шефот на Канцеларијата за јавна дипломатија на Амбасадата на Грција во Северна Македонија, Константинос Прокакис, а видеообраќање ќе има и генералниот секретар за грчката дијаспора и јавна дипломатија Јоанис Хрисулакис. -Северна Македонија и Грција имаат извонредна џез сцена, а фестивалот „Скопско лето“ претставува еден од најпрепознатливите културни настани кој ќе им овозможи на уметниците, на љубителите на музиката и на публиката од двете земји да се спојат на едно место, да се запознаат и да се забавуваат, соопшти ДКУС. Влезот е бесплатен за посетителите. хс/ев/

Остани поврзан