• вторник, 24 декември 2024

Концерт на Триото „Јонген“ од Хрватска вечер во Музејот на македонска борба

Концерт на Триото „Јонген“ од Хрватска вечер во Музејот на македонска борба
Скопје, 19 јули 2021 (МИА) - Во Музејот на македонска борба вечерва ќе се одржи концертот на Триото „Јонген“ од Хрватска, во рамки на 42. издание на манифестацијата „Скопско лето“. Триото се состои од Рената Пенезиќ – флејта, Жарко Перишиќ – фагот и Марина Матолиќ – пијано. Како што информираат организаторите, на репертоарот на вечерашниот концерт се делата „Ибис“ од Иван Божичеиќ, „Трио“ за флејта, фагот и пијано од Борис Папандопуло и „Trio Patethique“ во d-moll на Михаил Глинка.

-Триото е единствениот ансамбл на овие простори кој го негува транспарентното филигранско разиграно свирење музика во вистинскиот дух на француската школа за дувачки инструменти. Виртуози на своите инструменти, солисти во оркестри и професори на Музичката академија во Загреб ги соединија вештините и љубовта кон заемното свирење музика со цел да ѝ го претстават на публиката овој интересен спој на инструментите и боите, се наведува во соопштението на „Скопско лето“.

Рената Пенезиќ дипломирала на Музичката академија во Љубљана во класата на проф. Феџа Рупел. Како добитничка на стипендијата „Deutscher Akademischer Austauschdienst“ (DAAD), магистрира во класата на Андрас Адорјан во Келн. Редовно снима за Хрватското радио, а има изреализирано повеќе це-диња, од кои Божиќниот концерт со ансамблот Musica Viva во 2006-тата година ја добива наградата Порин за најдобра изведба на солистички или камерни композиции. Добитничка е на наградата Милка Трнина во 2008г. Одржува семинари по флејта во и надвор од земјата. Членка на жири е на меѓународни натпревари по флејта. Жарко Перишиќ е роден во Сплит, Хрватска. Ги завршува своите студии во класите на проф. Маријан Кобетиќ (Загреб), проф. Милан Турковиќ и проф. Ричард Галер, Салцбург. Во 1992-рата година се вклучува во Ерусалимскиот симфониски оркестар, во Израел. Во наредните години настапува како солист на фагот со Камерната филхармонија на Салцбург, „Camerata Salzburg“, со Ансамблот ÖENM, 20-тиот век и  „Klangforum“, Виена; Камерниот оркестар „Gustav Mahler“, Камерниот оркестар „Ingolstadt“ од Грузија, Фестивалскиот оркестар во Будимпешта, „Mozarteum Orchestra Salzburg“, Камерниот оркестар на Европа. Марина Матолиќ е родена во Жупања, Хрватска. Завршува додипломски и постдипломски студии на Музичката академија во Загреб во класата на проф. Јурица Мураи и Ѕвездана Башиќ, каде магистрира. .

За време на нејзината уметничка кариера, има настапувано како соло пијанист, а и соработува со многу други солисти, камерни ансамбли и оркестри. Учествува на многу фестивали, семинари, музички курсеви и натпревари во Хрватска и во странство

Исто така е активно ангажирана во музичкото образование на децата и диригент на многу детски хорови и хорови за возрасни. Реализира и учествува во мјузикли и музички проекти за деца како уметнички водач и продуцент. бт/нд/

Остани поврзан