• понеделник, 29 јули 2024

Концерт за деца „Карневал на животните“

Концерт за деца „Карневал на животните“

Скопје, 26 ноември 2022 (МИА) - Концертот за деца „Карневал на животните“ ќе се одржи денеска во Дом на АРМ. Концертот е хуманитарен и сите средства од продажбата ќе бидат донирани во СОС Детско Село.

Македонската детска публика ќе има единствена можност во живо да ја слушне фантастичната композиција „Карневалот на животните“ во изведба на виолинстката Пламенка Трајковска, а во пијано придружба на Ајхан Куртов. Наратор на концертот ќе биде нашата поетеса Анита Бошкова. Специјални гости се ученици од Основното училиште „Ѓорѓија Пулевски“ од општина Аеродром, од четвро четири одделение, кои изработија маски од „Карневалот на животните“ под раководство на наставничката Јулија Петроска. 

„Карневалот на животните“ е најпознатата композиција за деца од францускиот композитор Камиј Сен Санс. Композицијата е хумористична музичка свита со четиринаесет ставови, која тој ја напишал во 1886 година. Оригинално е напишана за две пијана и мал камерен состав. Сен Санс забранил јавни изведби на „Карневалот на животни“ бидејќи сметал дека композицијата ќе му го загрози угледот како сериозен композитор. Композицијата е објавена по смртта на композиторот во 1922 година и од тогаш се смета за една од најпознатите дела на класичниот репертоар за деца.

„Карневалот на животните“ музички опишува различни животни – лав, кокошки, желки, слон, кенгур, риби, магариња, кукавица, птици, лебед. Кога децата слушаат, треба да ги најдат музичките елементи на одделните животни како на пример брзо – бавно животно, дебело или слабо животно, во каква атмосфера се наоѓа и многу други елементи. Преслушувањето на ова дело кај децата овозможува развој на концентрација, имагинативно размислување, препознавање на звучните елементи и многу забава со класична музика.

По голем број на концерти за деца кои Пламенка Трајковска ги реализираше со нејзините мали камерни состави и нејзиниот гудачки квартет, таа одлучи да направи адаптација на „Карневалот на животните“ за виолина и пијано и да даде свој посебен осврт кон ова маркантно дело. 

Во 2018 година виолинистка Пламенка Трајковска го сними албумот „Карневал на животните“ и тоа е достапно на сите дигитални платформи. По четири години од создавањето на албумот, македонската детска публика првпат ќе може да ужива во концерт во живо со „Карневалот на животните“ како ексклузивна концертна промоција.

Виолинистката Пламенка Трајковска интензивно работи на создавањето на музичка култура кај децата и младите. Таа е автор и изведувач во повеќе концерти за деца, како концертите „Гудачки квартет во наше маало“, „Музика и танц“, „Музика и цртан филм“, „Што е тоа гудачки квартет“, „Моцартисимо“, „Волшебен квартет“, „Карневал на животните“ во адаптација за виолина и пијано. 

Пламенка Трајковска има реализирано голем број на концерти во земјава на најзначајните културни манифестации, како „Скопско лето“, „Бит фест“, „Штипско културно лето“, „Петровденски ракувања“, „Топол културен бран“, „Караманови средби“, „Кавадаречка културна есен“, „Велешко културно лето“ и многу други настапи на концертни сцени во земјава. Таа имала концерти во Хрватска, Србија, Бугарија, Грција, Франција, Танзанија и Турција. 

Организатор на концертот е Дирекцијата за култура и уметност и концертот е во рамки на „Есенските музички свечености“. Концертот се реализира со помош на Град Скопје и Министерството за одбрана на Република Северна Македонија. мд/са/

Остани поврзан