• вторник, 24 декември 2024

Концерт за виолина и пијано со изведувачи од Грција на Скопско Лето 2023

Концерт за виолина и пијано со изведувачи од Грција на Скопско Лето 2023

Скопје, 7 јули 2023 (МИА) - Во рамките на музичката програма на Фестивалот Скопско лето 2023, вечер во фоајето на Националната опера и балет ќе настапат пијанистот Уве Матшке и виолинистката Данае Папаматеу – Матшке од Грција, со изведба на неколку дела на класична музика за виолина и пијано од истакнати грчки композитори.

Обожавателите на класичната музика ќе имаат исклучителна можност првпат во Скопје да ги проследат делата „Шепот на ветрот“ од Димитрис Терзакис, „Мала суита од популарни грчки мелодии од Додеканезите“ од Јанис Констадинидис и сонатите за виолина и пијано од Борис Папандопуло и  францускиот композитор Сезар Франк, во изведба на двајцата виртуози на пијано и виолина.

Гостувањето на уметниците од Грција е во организација на Канцеларијата за јавна дипломатија на Амбасадата на Република Грција во Скопје во соработка со Фестивалот Скопско лето 2023. Компанијата ОКТА АД – Скопје, како верен партнер на културни настани, е главен спонзор на овој концерт.

Пијанистот Уве Матшке (Uwe Matschke) е роден во Германија, а студирал на музичката школа „Франц Лист“ во Вајмар и на Академијата „Франц Лист“ во Будимпешта. Од 1987 година живее и работи во Грција, каде што е професор по пијано на Катедрата за музичка наука и уметност на Универзитетот во Солун, а член е и на солунскиот Државниот симфониски оркестар. Има одржано многубројни солистички концерти во Москва, Минхен, Хамбург, Порто, Лајпциг и Дрезден, а настапувал со симфониски оркестри од многу европски земји и со познати во светот камерни оркестри како што се Гевандаус квартет од Лапциг, Лајпцигер Штрајх квартет и Гудачкиот квинтет од Дрезден. Неговиот вешт начин на интерпретација кој се одликува со голема чувствителност, континуирано наидува на признание од музичките  критичари.

Виолинистката Данае Папаматеу-Матшке (Danae Papamattheou Matschke) е една од најперспективните грчки виолинистки од помладата генерација. Родена е во Атина, а студирала на Универзитетот Моцартеум во Салцбург и на Универзитетот во Хамбург. Има одржано рецитали во Германија, Кина, САД, Италија, Швајцарија, Австрија, Словенија, Шведска, Естонија, Финска, Кипар, Велика Британија, а има бројни настапи со симфониски и камерни оркестри од Грција и Германија. Носител е на први награди и специјални признанија за најдобра интерпретација на разни државни и меѓународни натпревари. Докторирала на Универзитетот во Солун. Данае Папаматеу-Митшке настапува со виолина создадена од Карло Фердинандо Ландолфи во Милано во 1760 година.бт/мд/

 

 

Остани поврзан