• среда, 25 декември 2024

Конференција „Една изборна единица наместо сегашните шест - посоодветно претставување на граѓанскиот глас”

Конференција „Една изборна единица наместо сегашните шест - посоодветно претставување на граѓанскиот глас”
Скопје, 1 јуни 2022 (МИА) - Институтот за истражување и анализа на политики – Ромалитико и Либералниот институт денеска одржаа конференција на темa „Една изборна единица наместо сегашните шест - посоодветно претставување на граѓанскиот глас”, на која учествуваа претставници на политички партии и граѓански организации. Пратеничката од Либералната демократска партија, Моника Зајкова, во изјава за МИА, истакна дека целта на конференцијата е да се види до каде се измените на Изборниот законик за да нема повторно случај непосредно пред изборите да се менува изборниот модел или да има изговор дека тогаш веќе е доцна за информирање на граѓаните за новиот изборен модел. - Во Собранието дебатата започна пред Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците и е во прво читање, меѓутоа истата не продолжи, заради, веројатно други настани и случувања во рамки на Собранието. Токму оваа дебата беше како едно потсетување до каде сме со законот и кога планираме да го ставиме повторно на агендата на разгледување, рече Зајкова. Таа додаде дека со актуелниот модел за пресметување на гласовите, 50 до 100 илјади граѓани не се соодветно претставени и посочи дека тоа е поразителен факт за една држава која се стреми за современа демократија. - Јас несомнено сум убедена дека една изборна единица е навистина еден голем напредок на демократијата и овозможува правична застапеност на гласот на граѓаните, затоа што во ваков модел кој што го имаме сега, особено со Д’Онтовиот модел за пресметување на гласовите, околу 50 до 100 илјади гласови на граѓаните одат во воздух, односно 50 до 100 илјади граѓани не се соодветно претставени преку свои застапници во законодавниот дом, што навистина за една држава којашто се стреми да биде прогресивна и современа демократија, е поразителен факт, потенцираше пратеничката на ЛДП. Во однос на политичките субјекти кои се против и ја блокираат оваа иницијатива за воведување на модел со една изборна единица за парламентарните избори, Зајкова рече дека ако во минатиот собраниски состав блокираше сегашната опозиција, но и дел од партиите во власта, како ДУИ, во овој состав повторно има несогласување за овој изборен модел од страна на ДУИ, но исто така и од Алијансата за Албанците, која пак предлага земјата да биде поделана на осум изборни единици. Но таа вели дека добро е да продолжи дискусијата, да не биде само на комисиската расправа и да продолжи на пленумот со цел сите партии да можат да ги изложат своите аргументи за или против. - Доколку навистина партиите се убедени дека сакаат да направат добро за граѓаните, да го унапредиме политичкиот плурализам, да имаме вистинска контрола на извршната власт, но и „чек и баланс“ систем и доверба во институциите, овој модел можеби не е најсовршен но за земја како нашата е доста подобар од овој којшто сега го имаме, подвлече Зајкова. Претседателот на Институтот за истражување и анализа на политики - Ромалитико, Елвис Шаќири, потсети дека владејачкиот СДСМ уште во 2016 година вети воведување една изборна единица, но дека пред избори секогаш се зборува оти е доцна и не може да се отвори оваа тема, па токму затоа сега ја отвораат темата за да има доволно време и да поминат сите фази во Собранието за да може да има размена на аргументи. - Како здружение ние веќе подолго време ја застапуваме оваа идеја за една изборна единица, затоа што сегашниот модел ги фаворизира само големите партии, меѓутоа не и помалите партии, особено кога се работи за етничките партии, конкретно партиите од ромската етничка заедница. Пратениците коишто се избрани во Собранието доаѓаат од Втората изборна единица, тоа значи дека останатите граѓани Роми коишто живеат низ територијата на државата не можат да гласаат за одредена политичка партија, што на некој начин ги става во понеповолна положба, посочи Шаќири. Тој додаде дека модел на една изборна единица е чекор понапред кон демократизација и правична претставеност на сите граѓани во Собранието. - Политичките партии често зборуваат дека ги претставуваат интересите на народот и сметаме дека ако навистина ги претставуваат интересите на народот, треба да го изменат овој изборен модел, бидејќи сега народот гласа за политички партии и носители на листи, меѓутоа не и за свој кандидат, потенцираше Шаќири. Освен барањата за една изборна единица и отворени листи за гласање, тој нагласи дека клучно е да нема изборен праг, затоа што во тој случај ако со тој цензус се елиминираат помалите политички партии, тогаш нема поента од промена на изборниот модел во една изборна единица Подносителите на Предлог-законот за измена на Изборниот законик со кои би се вовела една изборна единица на парламентарните избори, се пратениците Павле Трајанов од ДС, Маја Морачанин од ДОМ, Моника Зајкова и Боби Мојсоски од ЛДП, Љупчо Балкоски од ВМРО-НП, Димитар Апасиев и Борислав Крмов од Левица, Панчо Минов од СДСМ и сега веќе поранешниот пратеник на ДОМ, Мирослав Богдановски. сх/сп/

Остани поврзан