Конте: Не сум разочаран од Кварацхелија туку од себе
- Тренерот на Наполи, Антонио Конте даде свој коментар околу одлуката на Квича Кварцехлија да го напушти тимот.
Неапол, 13 јануари 2025 (МИА) – Тренерот на Наполи, Антонио Конте даде свој коментар околу одлуката на Квича Кварцехлија да го напушти тимот.
Пред неколку дена Конте објави дека грузискиот крилен напаѓач побарал да биде ослободен од клубот и затоа е разочаран.
- Сакам да објаснам нешто. Чувствувам потреба да го направам ова затоа што ако бев во Англија, можеби ќе помислам дека нешто е пропуштено во преводот, но јас зборувам италијански и се чини дека луѓето погрешно го толкуваат она што го мислам. Зборував за разочарување не од играчот, не од клубот, туку од себе, бидејќи за шест месеци не можев да ја сменам ситуацијата. Не велам дека Кварацхелија или клубот ме изневери, јас секогаш ја преземам одговорноста за моите постапки и не ја префрлам на некој друг. Мислев дека можам да имам поинакво влијание во овие шест месеци, но сфатив дека се вративме таму каде што почнавме. Сакам да го објаснам ова бидејќи денес видов наслови: „Квара го изневери Конте“. Квара не ме изневери. Сметам дека тренерот треба да му помогне на клубот да донесе одлуки и да советува кои играчи да ги потпише. Кога ќе сфатам дека не можев да влијаам на ситуацијата, се разочарувам. Квича е добро момче и секој треба да си ја решава судбината, како што и клубот треба да носи свои одлуки., изјави Конте.
Додаде дека малку повеќе бил самоуверен затоа што мислел дека може да има поголемо влијание.
-Не можев да го направам тоа. Штета е затоа што тој е одличен играч, но мораме да ја прифатиме и реалноста.
Кварацхелија кој е еден од најдобрите фудбалери на Наполи, одлучи кариерата да ја продолжи во Пари Сен-Жермен каде ќе заработува осум милиони евра годишно, односно пет пати повеќе од сегашната годишна плата. зс/
Фото: ЕПА