• среда, 27 ноември 2024

Конкурси за стипендии за втор и за трет циклус студии во странство за академската 2024/2025

Конкурси за стипендии за втор и за трет циклус студии во странство за академската 2024/2025

Скопје, 20 јули 2024 (МИА) - Министерството за образование и наука ги објави конкурсите за доделување стипендии за студии од втор и од  трет циклус во странство за академската 2024/2025, за кои рокот за пријавување е 15 септември 2024.

Право да конкурираат имаат студенти кои се примени на втор циклус студии (магистерски) или на трет циклус студии (докторски) на еден од првите десет рангирани универзитети од сите области, односно на еден од првите 100 рангирани универзитети на последната објавена Шангајска листа од областите: инженерство и технологиja, архитектура, градежништво, математика, меѓународно јавно и приватно право, економија и бизнис, физика, биологија, хемија, наука за храна, наука за земјиште и води, компјутерски и информациски науки, електротехника, електроника и информациско инженерство, машинство, туризам и генетика.

- На корисникот на стипендија му се надоместуваат трошоците за уписнина во висина од најмногу 40.000 американски долари годишно, еден авионски билет на почетокот на студиите, еден авионски билет по завршување на студиите или еден повратен авионски билет, додека месечна стипендија се исплаќа согласно Решението за утврдување на начинот на пресметка на трошоците за месечна стипендија на студенти кои студираат во странство за академската 2024/2025 година (врз основа на Листата на индекси на малопродажни цени за животни трошоци, која е објавена од надлежните органи на Обединетите нации). Секој износ над горенаведената сума за уписнина е на товар на студентот, е наведено во конкурсите. 

Во нив се содржани условите за добивање на стипендијата и обврските кои добитникот на стипендијата (за втор или за трет циклус студии) ќе ги има кон државата по завршување на студиите. Наведени се и документите што се потребни за аплицирање и начинот како кандидатите да се пријават додека се отворени конкурсите - до 15 септември 2024. хс/бак/

Фото: МИА архива 

Остани поврзан