• сабота, 21 декември 2024

Конзервативната ЦСВ во водство на парламентарните избори во Луксембург 

Конзервативната ЦСВ во водство на парламентарните избори во Луксембург 

Брисел, 8 октомври 2023 (МИА) - Опозициската конзервативна Христијанско социјална народна партија (ЦСВ) со освоени 29,25 отсто од гласовите е во водство на денешните парламентарни избори во Луксембург по преброени нешто над половина од гласачките ливчиња, додека владината „Гамбија“ коалиција на либералите, социјалдемократите и зелените го загуби мнозинството во Парламентот. 

Според податоците на Централната изборна комисија по преброени гласови од 384 од вкупно 739 избирачки места или 51 отсто, зад ЦСВ се двете владејачки партии – либералната Демократска партија (ДП) со 18,68 отсто и социјалдемократската Социјалистичка работничка партија на Луксембург (ЛСАП) со освоени 18,52 проценти од гласовите, а на четвртото место и десничарската Алтернативна демократска реформска партија (АДР) со 10,17 проценти. 

Третата партија од владината коалиција, Зелените, засега освои 7,96 отсто од гласовите, а освен неа изборниот праг го минаа и популистичката Пиратска парија на Луксембург (ППЛУ) со 7,05 проценти и левичарската партијата Левица со 3,77 отсто. 

Според досегашните гласови, ЦСВ освои 21 пратеничко место во 60-челниот Парламент, ДП 13, ЛСАП 12, АДР 6, Зелените и Пиратите по 3 и Левицата 2 мандати. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, територијата на Луксембург за парламентарните избори е поделена на четири изборни единици, кои даваат различен број мандати – изборната единица Југ е најголема со 23 пратеници, втора е Центар со 21, Север со 9 и најмала е Исток со 7 пратенички места. 

Гласањето на парламентарните избори во Луксембург е задолжително за сите полнолетни луксембуршки државјани на возраст до 75 години. сп/

Фото; Скриншот

Остани поврзан