• среда, 15 јануари 2025

„Комуналец“ од Гевгелија со 54 отсто загуба на вода и паушално фактурирање на дел од потрошената вода

„Комуналец“ од Гевгелија со 54 отсто загуба на вода и паушално фактурирање на дел од потрошената вода

Скопје, 14 јануари 2025 (МИА) - Јавното комунално претпријатие „Комуналец“ од Гевгелија има 54 проценти загуба на вода, само половина од испорачаната вода е фактурирана, а остатокот се губи поради технички дефекти, нелегални приклучоци и нефактурирана комунална потрошувачка, покажува ревизијата направена од страна на Државниот завод за ревизија за 2023 година.

Овие загуби, според Заводот за ревизија, сериозно влијаат на приходите на јавното претпријатие и на даноците (ДДВ и данок на добивка) кои се приход на државниот буџет.

- Од вкупните побарувања по основ на продажба на вода и услуги, 75%, односно 176.093 илјади денари, односно 2.854.000 евра се побарувања постари од 3 години, што укажува на нивна ненавремена наплата. Поради неизвршена оценка на наплатливост на побарувањата на крајот на секој извештаен период и соодветен акт за постапување, постои голем ризик побарувањата кои се утужени и отворени стечајни постапки од правни лица во износ од 22.258 илјади денари со рок од 6-10 години, да не се наплатат, се вели во извештајот на ревизорите.

Ревизијата покажува дека изградените инфраструктурни објекти (водоводна и канализациона мрежа) во 2023 година, не се запишани во Катастарот на инфраструктурни објекти, а кај 27 проценти од останатите градежни објекти со вредност од 308.971 илјади денари, односно 5.008.000 евра, претпријатието не поседува имотни листови.

Јавното комунално претпријатие склучило квартални договори со Општина Гевгелија за одржување на комуналната хигиена и паркови, во вкупна вредност од 9.479 илјади денари без ДДВ, но ревизијата утврдила дека фактурирањето од страна на „Комуналец“ се врши по основ на договорите, а не по реално извршениот обем на услуги, кој е значително поголем. Општината како корисник на услугите доцнела со плаќањето на обврските за повеќе од три години и до 31 декември 2023 година имала долг во износ од 24.236 илјади денари, а се оспорува извршена услуга за дислокација на водоводна линија во износ од 6.793 илјади денари.

- Ваквиот начин на постапување има за ефект помалку приходи на јавното претпријатие, помалку пресметан и уплатен ДДВ во Буџетот на Република Северна Македонија и влијае врз принципите на сигурност, континуитет и квалитет на услугата, оценуваат ревизорите.

Ревизијата утврдила и неправилности во начинот на пресметка и исплата на платите. Правилникот за основна плата и други надоместоци на плата не е усогласен со важечката законска регулатива во делот на основната компонента на плата за минимална плата, а пресметката на платите се вршела согласно Одлука за утврдување на висината на вредноста на бодот за пресметување на платите од 2019 година.      

Ова јавно претпријатие стопанисува и со објектот Градски пазар, без одлука на Советот на Општина Гевгелија, што, како што се наведува во ревизорскиот извештај, влијае на законското и правилно користење на добрата во општа употреба.                                                                         

На крајот на 2019 година, директорот на ЈПКД „Комуналец“ Гевгелија, без одлука на Управниот одбор, склучил договор за финансиска позајмица со ФК „Кожув“ Гевгелија во износ од 600 илјади денари, која до денот на ревизијата не е вратена, ниту се преземени мерки за нејзина наплата. бак/ац/

Фото: МИА архива

 

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан