• четврток, 26 декември 2024

Комплетиран GGP-проектот на Амбасадата на Јапонија на Клиниката за инфективни болести во Скопје

Комплетиран GGP-проектот на Амбасадата на Јапонија на Клиниката за инфективни болести во Скопје
Скопје, 15 септември 2022 (МИА) - На Клиниката за инфективни болести и фербилни состојби во Скопје денеска се одржа церемонија за комплетирање на GGP-проектот спроведен од страна на Амбасадата на Јапонија во Северна Македонија, што овозможи преку донација Клиниката да добие машина за рециклирање на медицинскиот отпад во вкупен износ од 65.801 евро. -Во период од една година со помош на машината рециклиравме повеќе од 1,3 тони токсичен и медицински отпад во комунален. Од економска перспектива, со употреба на оваа машина клиниката годишно заштеди повеќе од 50 проценти од комуналните давачки, изјави Мирјана Пехчевска Поп-Илиева организациска директорка на Универзитетската Клиника за инфективни болести и фербилни состојби - Скопје. Донацијата, како што посочи, помогна да се заштитат 200 вработени, над 30.000 пациенти и животната средина од токсични материјали предизвикани од инфективните болести, како што е КОВИД-19. Јапонскиот амбасадор, Савада Хиронори во своето обраќање истакна дека му претставува задоволство што Јапонија успеала да помогне на македонскиот народ да има подобри и побезбедни здравствени услови. -Тоа го правиме во рамки на јапонската програма за мали грантови за основни потреби и човечка безбедност, што е еден од столбовите на нашата соработа со Северна Македонија. Од 1996 година Јапонија реализираше проекти во секторот за здравство, образование и животна средина во Северна Македонија. Досегашната поддршка од Јапонија изнесува вкупно 8,5 милиони евра за 171 GGP-проект, информираше амбасадорот Хиронори. Додаде дека во рамки на иницијативата за Западен Балкан, Јапонија останува посветена да ја поддржи земјата во социјалниот и економскиот развој, што, како што вели, е важен фактор за евроинтеграциите. Како што информира Амбасадата на Јапонија, досега во земјава се финансирани 60 проекти во здравствениот сектор во вкупна вредност од три милиони евра, конкретно во медицинска опрема, реновирање на клиники и возила за брза помош. Дополнително се обезбедени и 813.000 евра како итна помош за справување со КОВИД-пандемијата. Преку GGP-проектите обезбедени се финансии и за реновирање и набавка на опрема за повеќе од 73 училишта и градинки, 64 здравствени установи и обезебедени се 34 специјализирани возила за управување со отпад и услуги за 51 општина. Овие проекти, како што изјави јапонскиот амбасадор имаат за цел да помогнат во социо-економскиот развој на локалните заедници преку обезбедување на неповратна финансиска помош за болниците, училиштата и останатите јавни и непрофитни организации. GGP е програма на светско ниво, што е дел од Јапонската официјална помош за развој - ODA. ки/ац/

Остани поврзан