• петок, 08 ноември 2024

Компанијата „Амфенол Технолоџи Македонија“ одбележува 10 години од работењето

Компанијата „Амфенол Технолоџи Македонија“ одбележува 10 години од работењето

Кочани, 24 октомври 2023 (МИА) – Во рамки на одбележувањето на десетгодишнината од работењето, компанијата „Амфенол Технолоџи Македонија“ од Кочани денеска организираше средба со свои соработници и партнери од земјата и странство, на која присуствуваа и претставници на домашни државни институции, како и од раководството на американската корпорација „Амфенол“.

На свеченоста беше нагласено дека за една деценија компанијата, која почна како браунфилд инвестиција, има огромен напредок во обемот на производството и во финансиските резултати, но и во намалувањето на невработеноста во источниот регион на државата.

-Во октомври 2013 година една група од петнаесетина млади луѓе ја почна оваа успешна приказна на „Амфенол Технолоџи Македонија“, а во периодот што следеше се приклучуваа сè повеќе и повеќе, па денес стигнавме до близу три илјади вработени. Досега се инвестирани над 50 милиони евра, а се вброивме меѓу петте најголеми извозници и петте најголеми работодавачи во државата. Брзо реагираме на промените во условите за работење и ги прифаќаме и решаваме предизвиците. Благодарам за поддршката и помошта на сите соработници во изминатите десет години, затоа што заедно успеавме да ги постигнеме овие резултати, истакна Сашко Наков, директор на „Амфенол Технолоџи Македонија“.

Грижата за вработените во компанијата е врвен приоритет, за што е воведено приватно здравствено осигурување за секој работник и за членовите на потесното семејство да можат по најповолни услови да ги користат услугите на врвните приватни здравствени институции.

Директорот Наков додаде дека се води грижа и за заштита на животната средина преку акции за пошумување, а инсталирана е една и во тек е инсталацијата на втора фотонапонска централа за намалување на испуштањето на јаглерод диоксид во атмосферата.

Претставникот на корпорацијата „Амфенол“, Жан Лук Гавел нагласи дека пред десет години била донесена вистинска одлука за почнување со работа на компанијата во Кочани, која денес е повеќе од успешна приказна.

-Овде почнавме скромно, но со претприемништвото коешто се покажа како одлучувачки клуч во развојот на корпорацијата, а вие го направивте тоа апсолутно успешно, па денес со воодушевувње гледаме на огромниот успех. Иако во почетокот беше тешко, успеавме да ги убедиме нашите клиенти дека овде во Македонија е вистинското место да се инвестира, истакна Гавел.

По повод десетгодишниот јубилеј на „Амфенол Технолоџи Македонија“ им беа доделени награди и признанија на вработените со стаж од пет и десет години, беше организиран фудбалски турнир за екипи од осумте деловни единици на компанијата, а синоќа во паркот во Кочани се одржа и музичка вечер на која настапија Влатко Лозаноски и Гоца Тржан. та/цр

фото: МИА

Остани поврзан