• сабота, 23 ноември 2024

Компаниите во Северна Америка се обидуваат да ги заменат работниците со роботи

Компаниите во Северна Америка се обидуваат да ги заменат работниците со роботи
Вашингтон, 29 август 2022 (МИА) - Компании во Северна Америка купиле четвртина повеќе роботи во првата половина од годината отколку во истиот период лани, со цел да го ублажат проблемот со недостигот на работна сила и зголемените трошоци за платите, покажуваат резултатите од истражувањето на индустриската групација Асоцијација за напредна автоматизација (Association for Advancing Automation). Компаниите нарачале рекордни 12.305 машини во вредност од 585 милиони долари во вториот квартал, според податоците собрани од индустриската групација А3. Во извештајот, исто така се наведува дека во првата половина од годината, северноамериканскиот пазар на роботи ги забележа своите најдобри перформанси откако А3 објавува податоци. Претседателот на А3, Џеф Бурнштајн изјави дека компаниите мора да произведуваат, а тоа значи дека им е потребна нова автоматизирана линија. Поттик за набавка на роботи е моментално слабата понуда на пазарот на трудот. Бројот на слободни работни места е двојно поголем од бројот на невработени, а работодавците мора да ги зголемат платите. Вкупните трошоци за работна сила во САД се зголемија за 5,1 отсто во вториот квартал, најмногу откако Министерството за труд почна да го следи тој индикатор во 2001 година. Роботите сè уште не значат подобра продуктивност на работниците, според моментално достапните показатели, јавија американски медиуми, истакнувајќи дека продуктивноста во САД во вториот квартал забележа најголем пад, изразен со годишна стапка од 1948 година. Компаниите брзаат да ангажираат роботи за да бидат во чекор со силната побарувачка, која не покажува знаци на намалување и покрај клучните американски зголемувања на каматните стапки за да се спречи инфлацијата. ми/

Остани поврзан