• понеделник, 23 декември 2024

Комисијата за финансирање ја усвои Предлог одлуката за распределба на средства помеѓу буџетските корисници

Комисијата за финансирање ја усвои Предлог одлуката за распределба на средства помеѓу буџетските корисници

Скопје, 10 декември 2024 (МИА) - Комисијата за финансирање и буџет денеска ја усвои Предлог одлука за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници на централната власт и помеѓу фондовите, која е на дневен ред на 22. пленарна седница што е закажана за 11 часот. 

Целта на предложената одлука е соодветна реалокација на средствата помеѓу буџетските корисници со цел финансирање на приоритетните потреби на буџетските корисници во функција на подобрена реализација на Буџетот за 2024 година, стои во образложението на Владата. 

Заменик министерот за финансии Николче Јанкуловски истакна дека со предложената реалокација се врши реалокација на 9,3 милијарди денари и се обезбедуваат дополнителни средства за неколку позначајни намени.

- 2,12 милијарди денари наменети за трансфери кон Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, 1,19 милијарди денари во рамките на Министерството за социјална политика, демографија и млади, 1,2 милијарди денари во рамките на Агенцијата за поддршка во земјоделството и руралниот развој, 1, 16 милијарди денари наменети за Фондот за здравствено осигурување, 873 милиони денари за МВР, 656 милиони денари во рамките на Владата наменети за финансиска поддршка на компаниите, 543 милиони денари за МОН, 267 милиони денари за Министерството за дигитална трансформација, 231 милиони денари за Бирото за рамноменрен регионален развој, 203 милиони денари за Министерството за култура, 168 милиони денари за Министерството за транспорт и врски, 130 милиони денари во рамките на Министерството за здравство, 94 милиони денари во рамките на Управата за извршување на санкции, 50 милиони денари во рамките на Агенцијата за храна и ветеринарство и 35 милиони денари за Министерството за животна средина и просторно планирање, посочи Јанкуловски.

Заменик министерот потенцираше дека целта на предложената одлука е намалување на преземените и наследени обврски од страна на буџетските корисници, подобрена реализација на Буџетот за 2024 година и консеквентно на тоа, подобро управување со јавните финансии. ев/нд/

Фото: Принтскрин

 

 

 

Остани поврзан