• понеделник, 23 декември 2024

Комисијата за финансирање и буџет разгледа и не усвои осум амандмани за ребалансот на Буџетот

Комисијата за финансирање и буџет разгледа и не усвои осум амандмани за ребалансот на Буџетот

Скопје, 30 јули 2024 (МИА) – Во рамки на вториот ден од амандманската расправа и вкупно петти ден од расправата за ребалансот на Буџетот за 2024 година, собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска разгледа и не усвои вкупно осум амандмани поднесени од пратениците од опозицијата. Амандманската расправа ќе продолжи во 16 часот.

Не беа прифатени амандманите поднесени од СДСМ за награда на пожарникарите, полицајците и војниците за гасењето пожари, како и за зголемувањето на платите на пожарникарите.

Како што истакна заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски во подготовка е нов закон за пожарникарите со кој ќе се уредат овие прашања, а покрај тоа во буџетот нема доволно средства и ребалансот се прави само за да се сервисираат обврските до крајот на годинава заради лошите предвидувања и недомаќинското трошење од претходната власт.

Не помина ни амандманот на СДСМ за префрлање на средства од ставка на Буџетот за исплата на финансиска поддршка на обврските согласно Законот за финансиска поддршка на инвестициите за 654 компании кои во 2023 година имаат склучено нови договори. Заменик-министерот за финансии во образложението за неприфаќање на амандманот рече дека во целост ќе се исплати се она што е планирано за 2024 година согласно Законот за финансиска поддршка на инвестициите.

Одбиени беа и трите амандмани поднесени од Сали Мурати од Европскиот фронт со кои бараше средства за афирмација и употреба на јазиците на помалкубројните заедници, за одбележување на Денот на настава на турски јазик и за правична и соодветна застапеност на заедниците. Во образложение заменик-министерот Јанкуловски рече дека бараните средства или се веќе предвидени или, пак, може да се обезбедат по пат на прераспределба од Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците и Министерството за култура и туризам.

Не беа прифатени и амандманите поднесени од Моника Зајкова за набавка на две нови противпожарни возила за Битола и за проектот Вардарска долина.

Амандманската расрава почна вчера кога не беше усвоен амандманот поднесен од СДСМ со кој се бараше да се обезбедат 200 милиони евра за зголемување на платите и надоместоците, „согласно обврските од законската регулатива и потпишаните колективни договори“.вј/бак/

Фото: Принтскрин  

Остани поврзан