• четврток, 26 декември 2024

Комисијата за политички систем ги поддржа измените на законите за здруженија и за политички партии

Комисијата за политички систем ги поддржа измените на законите за здруженија и за политички партии

Скопје, 1 ноември 2022 (МИА) - Предлог измените и дополнувањата на Законот за здруженија и фондации и на Законот за политичките партии, по скратена постапка, денеска го поминаа филтерот на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците. Пред да се најдат на пленарна седница, овие измени на предлог-законите, треба да добијат поддршка и од Законодавно-правната комисија.

Пратениците на 17 октомври дадоа поддршка по скратена постапка да се донесе Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за здруженија и фондации, поднесен од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Пратеничката Рашела Мизрахи од ВМРО-ДПМНЕ тогаш го образложи предлогот напомнувајќи дека со него би требало да се стави крај на отворање здруженија и фондации чии програми, цели, дејности и дејствувања се насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на земјава, кон поттикнување и повикување на воена агресија, како и кон разгорување национална, расна, верска омраза или друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстерминација, ширење или поддршка, поттикнување и одобрување фашизам, нацизам, националсоцијализам и Третиот Рајх, како и преземање активности поврзани со тероризам или активности спротивни на Уставот. Со предложените измени и дополнувања, во Законот за здруженија и фондации членот 4, став 2 се менува и гласи „Се забранува основање на организација ако програмата, целите, дејностите и нејзиното дејствување е насочено кон насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија, поттикнување и повикување на воена агресија и разгорување на национална, расна, верска омраза или друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстерминација, ширење или поддршка, поттикнување и одобрување на фашизам, нацизам, националсоцијализам и Третиот Рајх, преземање на активности поврзани со тероризам, преземање на активности кои се спротивни на Уставот или закон и преземање на активности со кои се повредуваат слободите и правата на други лица“. - Како име, скратено име и/или назив на организација не можат да бидат употребувани имиња, презимиња, прекари, псевдоними, кратенки и иницијали, на лица кои по кој било основ, начин или форма во минатото се поврзани со расна, верска, национална, етничка и друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстреминација, ширење или поддршка на фашизам, нацизам, националсоцијализам и Третиот Рајх, стои во предложениот нов став во членот 8 од Законот. Според Предлог законот, за употреба на име, презиме, прекар, псевдоним, кратенка или иницијали на историска личност, согласност дава министерот за правда по претходно добиено позитивно мислење на Комисијата за употреба на имињата на историски личности, а која ја формира самиот министер. Во преодните и завршните одредби на Предлог измените и дополнувањата на Законот е наведено дека организации, здруженија, фондации, сојуз и други форми на здружување регистрирани согласно одредбите на Законот за здруженија и се должни во рок од три месеци од стапување во сила на овој закон, да го усогласат своето име и/или назив, цели и дејности согласно одредбите од овој закон, пред Централниот регистар. Здруженија и фондации регистрирани согласно одредбите на Законот за здруженија и фондации кои нема да ги усогласат одредбите согласно став 1 од овој член, се бришат од Регистарот, за што министерот за правда донесува одлука. Министерот за правда е должен да донесе одлука за престанок на истите, во рок од четири месеци од денот на влегување на сила на овој закон. Додека, пак, целта на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за политичките партии, поднесен од координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески и пратеничката Соња Мираковска, е да се зголеми транспарентноста и дистанцирање од фашизмот, нацизмот и националсоцијализмот. - Во вакви услови на провокации кои предизвикуваат крајно негативни чувства кај граѓаните, предлагаме законот да се донесе во скратена постапка. Апсолутно, да нема никакви дилеми, немаме против никакво здружување, но мора да застанеме во одбрана на нашите темели, а тоа се антифашистичките вредност. Предлагаме, политичките партии во своите програми да не можат да бидат насочени кон разгорување омраза, етничка или каква било друга нетрпеливост, ширење фашизам, нацизам, рече Митрески, образложувајќи го Предлогот. Со предлог законот ќе се овозможи поголема транспарентност, како на постоечките така и на идните политички партии, гарантирање на правната сигурност на граѓаните својствени за една демократска, современа и цивилизирана правна држава, се наведува во предложениот текст. Во образложението на Законот, објавен на веб страната на Собранието, стои дека со Предлог законот се заштитуваат демократските вредности како и принципите на правната сигурност на граѓаните во едно демократско општество. Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за политичките партии содржи четири члена. Со членот 1 се допрецизира одредбата за програмата, статутот и дејствувањето на политичките партии да не можат да бидат насочени разгорување на национална, расна или верска омраза,нетрпеливост,етничка нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстреминација, ширење или поддршка на фашизам, нацизам, националсоцијализам и третиот рајх или повикување на личности и настани од минатото поврзани со фашизам, нацизам, националсоцијализам и Третиот Рајх. Со членот 2 се дополнува членот 16 со два нови става во кои е уредено дека: (4) Статутот на политичката партија не смее да содржи одредби кои предизвикуваат расна, верска, национална, етничка и друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстерминација, ширење или поддршка на фашизам, нацизам, националсоцијализам и Третиот Рајх. - Името и ознаките на политичката партија не смеат да содржат симболи, зборови, кратенки кои предизвикуваат расна, верска, национална, етничка и друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстерминација, ширење или поддршка на фашизам, нацизам, националсоцијализам и Третиот Рајх, се предлага во еден од ставовите. Политичките партии ќе треба да ги усогласат своите имиња со овој закон во рок од три месеци. Предложените законски измени на двете партии следат по отворањето бугарски клубови во земјава со имињата „Ванчо Михајлов“ на 16 април во Битола и „Цар Борис Трети“ на 7 октомври во Охрид. фф/сп/

Остани поврзан