• сабота, 27 јули 2024

Комисијата за избори и именувања расправа за предлозите за уставни судии

Комисијата за избори и именувања расправа за предлозите за уставни судии
Скопје, 3 јуни 2022 (МИА) - Во Комисијата за прашања на изборите и именувањата и денеска продолжи расправата за предлозите за уставни судии. Пратениците расправаат за кандидатурата на универзитетската професорка Родна Живковска. Комисијата вчера го утврди предлогот Фатмир Скендер, граѓански судија во Апелациониот суд во Скопје да биде избран за уставен судија. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски упати забелешка и прашање до претседателката на Комисијата Марија Георгиевска дека минатата година пристигнала апликација за кандидатура од судијката Антоанета Димовска за член на Уставен суд и зошто ова се криело и вакво нешто не стигнало до пратениците. Додека, пак, Георгиевска истакна дека нема информации и дополнително ќе информира по добиените информации од службите. Јован Јаулески од ВМРО-ДПМНЕ рече дека самото отсуство на пратениците од власта покажува дека повторно ќе бидат избрани и ќе ги поминуваат филтрите за уставни судии кандидатите предложени од власта. Павле Трајанов, пратеник на Демократски сојуз укажа на потребата на реформи во целиот судски систем, а посебно олоку поставеноста, дејствувањето и улогата на Уставниот суд. Посочи дека начинот на кој што се води целокупната постапка е за дискредитација на предложените кандидати за уставни судии, а не за нивна афирмација. -Уставниот суд не само сега и не само актуелниот, туку и со години наназад е под силно партиско политичко влијание и таа работа ќе продолжи, бидејќи, поставеноста или начинот на избор на судии не дава гаранции дека тие ќе бидат судии со силен сопствен кредибилитет  и дека ќе ја ценат уставноста, законитоста на голем број на акти кои што доаѓаат до нив, рече Трајанов. Комисијата треба да се произнесе уште за осум предлог-судии.Освен предлогот Фатмир Скендер да биде избран за уставен судија, пратениците треба да ги разгледаат биографиите и на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, Тања Васиќ Бозаџиева која работи во Министерството за правда како државен советник за граѓанско законодавство, предложени од владејачките партии, и на универзитетските професори Саво Климовски и Родна Живковска, судијата во пензија Бранко Секуловски, обвинителот Тодор Витларов, судијката од Управниот суд Весна Јовановска и Војислав Димовски, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Охрид, предложени од ВМРО-ДПМНЕ. Уставниот суд во моментов работи без четворица судии на кои им истече мандатот, од предвидени девет судии. Во нецелосен состав е околу една година откако кон крајот на мај лани им истекоа мандатите на тројца судии – Сали Мурати, Елена Гошева и Никола Ивановски. Кон средината на јануари годинава, пак, му заврши мандатот и на судијата Јован Јосифовски. фф/ац/

Остани поврзан