• вторник, 17 декември 2024

Комисијата за еднакви можности на жените и мажите со најостра осуда за насилството што се случи врз жена во Делчево

Комисијата за еднакви можности на жените и мажите со најостра осуда за насилството што се случи врз жена во Делчево
Делчево, 1 ноември 2020 (МИА) - Комисијата за еднакви можности на жените и мажите најостро го осудува бруталното насилство што се случи врз жена во Делчево од страна на маж кој  упаднал во домот на жртвата, во раните утрински часови на 31 октомври и извршил кривично дело кое, како што велат, може да предизвика далекусежни последици врз жртвата.
Изразувајќи згрозеност од свирепиот чин на малтретирање жена во домот, претседателката на комисијата Јулија Крстевска ги повика органите на прогонот, максимално сериозно да пристапат кон ова кривично дело за насилство врз жена и да изречат максимална казна за сторителот.
- Ова насилство што се случи во Делчево, влијае врз сите жени, врз нивната сигурност и безбедност во домот. Во Делчево не смееме да дозволиме криминални и болни умови да го нарушат мирот, да ја срушат самодовербата на жената, да предизвикаат стигматизација, негативна перцепција и други негативни појави кои ја дискриминираат жената во современото демократско општество, каде зборуваме за човекови права и слободи, истакна Крстевска.
Во име на Комисијата за еднакви можности, координаторот Сузана Петровска потенцираше дека корените на насилството лежат во постојаната дискриминација врз жените, поради што апелираше на поголема соработка помеѓу граѓанските организации во Делчево и на одделот за превенција при МВР.
- Ваков облик на физичко насилство врз жена која живее сама, Делчево не памети и иако силувањето како облик на насилство е присутно во сите општества и во сите социјални слоеви, а корените на насилството лежат во таа постојана дискриминација врз жените, оваа статистичка формулација, не треба да биде оправдување и амортизирање на сериозното прашање кое се наметнува, туку поле за поголема работа и на граѓанските оганизации во Делчево и на одделот за превенција при МВР, рече Петровска.
Таа посочи дека Комисијата за еднакви можности посветено ќе го следи случајот и притоа соодветно ќе реагира, со цел жртвата да ја добие потребната помош и поддршка, со цел ваков вид на физичко насилство врз жена повеќе да не се повтори. вс/фф/

Остани поврзан