• понеделник, 23 декември 2024

Комисиска расправа за заемот за Проектот за поврзување локални патишта

Комисиска расправа за заемот за Проектот за поврзување локални патишта
Скопје, 8 април 2022 (МИА) - Собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска на 22-та седница расправаше за Предлог-законот за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по Договорот за заем за дополнително финансирање на Проектот за поврзување на локални патишта, по скратена постапка и одлучи да се проследи на понатамошна постапка во Собранието. Претседателот на Комисијата и пратеник на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски за МИА изјави дека тврдењата на пратениците од СДСМ дека опозицијата го кочела носењето на овој закон се неточни. - Законот е влезен во собраниска постапка, односно доставен од предлагачот - Владата на 22 март 2021 година.  Бидејќи е предложен по скратена постапка, прво Собранието на седницата одржана на 21 април 2021 година, значи еден месец подоцна, ја утврди потребата од носењето на законот по скратена постапка. Свикана е седница на Комисијата за финансирање и буџет, на која претседател е Тимчо Муцунски, на 6 мај 2021 година со пет точки на дневен ред, а се расправало и по други точки како субвенционирање на студентски оброк, заем за помош на мали и средни претпријатија..., изјави Стојаноски. Информира дека потоа во собраниска процедура влезе ребалансот на Буџетот за 2021 година, за кој се расправаше цел месец, цел јули бидејќи по Деловникот на Собранието 10 дена трае комисиската расправа, а пет дена трае расправата на пленарна седница. Потсети дека во август Собранието беше на колективен одмор и не заседаваше, по одлука на Претседателот на Собранието. По годишниот одмор, како што рече, следеше септември или предизборен период во кој голем дел од пратениците беа директни учесници во локалните избори, но и дискутабилна е можноста за заеми во предизборен период согласно одредени регулативи. -Во ноември му престанува мандатот на тогашниот претседателот на Комисијата за финансирање и буџет Тимчо Муцунски, кој беше избран за градоначалник на општина Аеродром. Од тој момент седниците ги свикуваше претседателот на Собранието Талат Џафери бидејќи не беше избран претседател на комисијата за финансирање и буџет. Скоро шест месеци седниците на комисијата и дневниот ред ги свикуваше и составуваше Талат Џафери. Претседател на комисијата беше избран на пленарна седница на 5 април 2022 година, а истата точка е отворена на седница на 8 април 2022 година, изјави Стојаноски. Посочи дека хронологијата на настани е точна и може да се проверат и на собранискиот веб. Апоред него, СДСМ и ДУИ заради проблеми во самата коалиција ја кочат работата на Собранието. Пратеникот Дарко Каевски од СДСМ, пак, соопшти дека се гледа лицемеритето на ВМРО-ДПМНЕ на дело и оти одредени законски решенија се ставени на чекање затоа што, како што рече, колегите од ВМРО-ДПМНЕ блокираат. Според него, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не сакале да се изградат 450 километри локални патишта затоа што тие локални патишта претходно ќе ги изграделе градоначалниците од СДСМ. Обвини дека се кочат и други закони, како Законот за наставници и стручни соработници... Потенцира дека СДСМ нема намера да го кочи овој закон туку напротив дополнително ќе придонесат и ќе гласаат за него. Членовите на Комисијата за финансирање и буџет денеска ја одржаа и 16-та седница на која констатираа дека Предлог-законот за отпис на камати и репрограмирање на долгови и трошоци на јавни претпријатија, по скратена постапка е повлечен од предлагачот. Пратениците за почетокот на 34 седница ќе бидат информирани преку собраниските служби.мд/лв/

Остани поврзан