• среда, 25 декември 2024

Комеморација за поранешната министерка за надворешни работи Илинка Митрева

Комеморација за поранешната министерка за надворешни работи Илинка Митрева

Скопје, 17 август 2022 (МИА) - Во Министерството за надворешни работи денеска ќе се одржи комеморација по повод смртта на поранешната министерка за надворешни работи Илинка Митрева.

Митрева почина на 31 јули годинава на 72 години.

- Како еден од основачите на партијата, Митрева го трасираше патот до она што СДСМ е денес, одговорна, државотворна партија. Голем е придонесот на професорката Митрева во градењето и афирмацијата на македонската државност во времиња кои беа полни со сериозни предизвици. Делото на Митрева останува трајно богатство за македонската дипломатија и пример за одговорен, државнички однос кон функцијата, кон државата и иднината на граѓаните. Нека почива во мир, објави СДСМ.

Илинка Митрева е родена на 11 февруари 1950 година во Скопје. По дипломирањето на Филолошкиот факултет во Скопје - група романска филологија во 1973 година, магистрирала на Филолошкиот факултет во Белград, а потоа и докторирала на Филолошкиот факултет во Скопје. Од 1974 до 2001 работи како помлад асистент, доцент и шеф на Катедрата за романски јазици и книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје. Професор по француска книжевност на Катедрата за романски јазици и книжевност е од 23 ноември 2001 до 31 октомври 2002 година. Митрева е автор на повеќе стручни и научни трудови. Функцијата пратеник во Собранието на Република Македонија ја извршува од 1994 до 2001 година. Митрева беше претседател на Комисијата за надворешна политика и шеф на Делегацијата на Македонија во Парламентарната димензија на Централно - европската иницијатива, шеф на собраниската група за соработка со Европскиот Парламент и член на Иницијативниот одбор за создавање клубови на НАТО. Од 13 мај до 23 ноември 2001 беше министер за надворешни работи на Република Македонија. По победата на СДСМ на парламентарните избори во 2002 година повторно е назначена на оваа функција од 1 ноември 2002 година на која останува се до 26 август 2006 година. Таа беше одликувана со три ордени на Француската Република во 1998 и 2016 година, и третиот -  највисокото француско одличје - Витез на Легијата на Честа” во 2021 година. мд/са/

Остани поврзан