• сабота, 23 ноември 2024

Комеморација за Мето Јовановски во вторник во Драмски театар - Скопје

Комеморација за Мето Јовановски во вторник во Драмски театар - Скопје

Скопје, 17 ноември 2023 (МИА) - Комеморацијата за доајенот на македонското глумиште Мето Јовановски ќе се одржи во вторник, на 21 ноември во 11 часот на големата сцена на Драмски театар - Скопје. 

Како што информира Драмски театар, посмртните останки на Мето Јовановски ќе бидат изложени во капелата на гробиштата Бутел в понеделник, на 20 ноември во 11 часот.

Македонскиот театарски, филмски и телевизиски глумец Мето Јовановски почина вчера, на 77-годишна возраст. 

Мето Јовановски е роден во 1946 во село Панчарево, Пехчевско. Во 1971 година завршил Театарска академија во Софија, Бугарија и истата година се вработил во Драмскиот театар во Скопје.

Неговата актерка кариера почнала на сцената на Народниот театар во Штип, каде настапувал уште пред да се запише на студиите.  Оттогаш, за многу кратко време, Јовановски се истакнал како еден од водечките драмски уметници во Македонија.

„Тетовирање“, „Пред дождот“, „Големата вода“, „До Балчак“, „Опстанок“, „Среќна Нова 49-та“, „Трето полувреме“, „Најдолгиот пат“, „Опстанок“, се дел од филмските проекти во кои Мето Јовановски играше главна улога.

Јовановски за своите театарски, филмски и телевизиски улоги ги има добиено државни награди „Свети Климент Охридски“, „11 Октомври“ и „13 Ноември“. Тој е добитник и на наградите „Златна клапа“ во Белград, четирикратен лауреат на наградата „Милтон Манаки“, наградата „Петре Прличко“, наградата за животно дело „Војдан Чернодрински“, како и награда за животно дело на осмиот Балкан панорама филм фестивал во Измир 2022. мд/са/

Фото: МИА архива и Драмски театар - Скопје 

Остани поврзан