• понеделник, 16 март 2026

Комбос: Неопходно е зајакнување на присуството и активноста на ЕУ во регионот на Блискиот Исток

Комбос: Неопходно е зајакнување на присуството и активноста на ЕУ во регионот на Блискиот Исток

Никозија, 16 март 2026 (МИА) - Како ЕУ, треба да бидеме повеќе присутни и поактивни во однос на овој конфликт. Исто така, треба да ја прошириме нашата силна солидарност кон Советот за соработка на Заливот и кон Либан во врска со обврските што ги имаме преземено - посочи шефот на кипарската дипломатија Константинос Комбос при пристигнувањето на Советот за надворешни работи на Европската Унија, јави дописничката на МИА од Атина.

Министерот за надворешни работи на Кипар објасни дека постојат нерешени прашања поврзани со трговијата и според него, „сега е моментот да дејствуваме бргу и да ги спроведеме овие нерешени прашања затоа што, ако не сега, прашањето е кога ќе го сториме тоа“.

За војната на Блискиот Исток, посочи дека „треба да се оддалечиме од илузијата дека станува збор за регионален конфликт, тоа е глобален и влијае на Европа во однос на енергијата, морските патишта и безбедноста на пловидбата“.

Паралелно потсети и на главните приоритети на кипарското претседателство со ЕУ, односно „да се стави акцент на Блискиот Исток и Заливот, како и на морската безбедност“.

- Немавме кристална топка, но, за жал, овие приоритети веќе станаа вистинска неопходност - нагласи Комбос.

На новинарско прашање за евентуалното проширување на европската операција за безбедност и во Ормуската Теснина, министерот за надворешни работи на Кипар, како што пренесе кипарската новинска агенција ЦНА, рекол дека прашањето ќе се разгледа подоцна.

- Тоа е идеја која е на маса, треба да ги разгледаме разните детали поврзани со нејзината практичната имплементација и дали би можела да функционира. На крајот на краиштата, треба да се обидуваме да најдеме практично решение, секогаш во рамките на реализмот и со фактот дека постои тековен конфликт - рекол министерот за надворешни работи на Кипар и додал дека како кипарско претседателство нема јавно да заземе став, туку ќе ја почека внатрешната дискусија. ср/мс/

Фото: Принтскрин

Остани поврзан