• петок, 08 ноември 2024

Комбос: Втор брод со хуманитарна помош за Газа е подготвен да отплови од Кипар 

Комбос: Втор брод со хуманитарна помош за Газа е подготвен да отплови од Кипар 

Атина, 18 март 2024 (МИА) – Втора поголема пратка хуманитарна помош за Газа во рамките на иницијативата „Амалтиа“, подготвена е да отплови од Кипар, според шефот на кипарската дипломатија Константинос Комбос, кој откри дека в четврток ќе бидат домаќини на над 40 земји за координација за поморскиот хуманитарен коридор, јави дописничката на МИА од Атина. 

Министерот за надворешни работи на Кипар при пристигнувањето на Советот за надворешни работи на Европската унија во Брисел истакна дека првата пратка хуманитарна помош од 200 тони пристигна во Газа и е безбедно дистрибуирана, втората е подготвена да тргне, а целта е да продолжат со протокот на помош кон Газа и токму затоа „Израел ја укина поморската блокада на Газа исклучиво за планот Амалтиа“.

-За следните чекори, прво, надградба на капацитетите на појдовната точка, но и во однос на транспортните средства и зголемување на обемот на дистрибутивната мрежа, второ создавање фонд за финансирање на проектот и последно, успешна и ефективна интеграција на засегнатите страни. За таа цел е планиран состанок на 21 март на Кипар со учество на повеќе од 40 земји, токму за да видиме оперативно како можеме да продолжиме понатаму, објасни Комбос.

Во однос на состанокот в четврток посочи дека ќе разговараат за можностите да се зголеми оперативниот капацитет и да се вклучат дополнителни превозни средства, а исто така и дистрибутивната мрежа, додека пак за фондот за финансирање објасни дека станува збор за проект „кој ќе биде долгорочен и мора да биде соодветно финансиран на сигурен и отчетен начин“.

Минатиот вторник првиот брод во рамките на иницијативата  „Амалтиа“ отплови од Кипар, а неколку дена подоцна безбедно пристигна во Газа.

Во кипарската иницијатива „Амалтиа“ за поморски хуманитарен коридор за Газа вклучени се ЕК, Велика Британија, Германија, Грција, Италија, Обединетите Арапски Емирати, САД и Холандија. ср/паг/

Остани поврзан