• среда, 25 декември 2024

Коломина: НСАТУ ќе се одвива надвор од Украина

Коломина: НСАТУ ќе се одвива надвор од Украина

Сараево, 24 октомври 2024 (МИА) - Помошникот генерален секретар на НАТО, Хавиер Коломина, во средата изјави дека воената соработка со Украина, вклучително и новата активност за обука на украински војници, се одвива надвор од таа земја и дека тоа е „црвена линија“ за Алијансата која сака да остане настрана од конфликтот меѓу Украина и Русија.

„Постои јасна црвена линија, а тоа е дека НАТО нема да биде дел од конфликтот. Затоа, нашето присуство и нашата помош и соработка со Украина секогаш се одвива надвор од територијата на Украина“, изјави Коломина за телевизијата Н1 во Сараево.

Тој додаде дека НАТО е присутен во Украина исклучиво на ниво на дипломатско претставништво и дека целата воена поддршка и обука се одвива надвор од украинската територија.

„Тоа е црвена линија за нас. Бевме многу јасни за тоа од самиот почеток и така ќе биде“, истакна тој.

Учествувајќи на конференцијата на НАТО посветена на хибридните безбедносни предизвици во Сараево, Коломина рече дека на секој сојузник е да одлучи како и во која мера може да и помогне на Украина, а еден од начините е НСАТУ, чија цел е да ја поддржи, помогне и обучи за употреба на оружје што се доставува во Украина.

Помошникот генерален секретар додаде дека целта на НАТО е мисијата да биде оперативна до крајот на годинава. паг/

Фото: Х



 

 

Остани поврзан