Ковач: Мојата цел беше да ја вратам Борусија Дортмунд на нозе
- Тренерот на Борусија Дортмунд, Нико Ковач, зборуваше пред утрешниот натпревар на гости против Хофенхајм во Бундеслигата.

Дортмунд, 25 април 2025 (МИА) - Тренерот на Борусија Дортмунд, Нико Ковач, зборуваше пред утрешниот натпревар на гости против Хофенхајм во Бундеслигата.
„Жолто-црните“ се борат за место во Лигата на шампионите или барем во европските турнири, а на четири кола пред крајот на првенството заостануваат 4 бода зад четвртопласираниот РБ Лајпциг. Веќе започнаа шпекулациите за иднината на хрватскиот стручњак.
-Мојата цел беше да се сместам во Дортмунд, да го вратам тимот на нозе и на среден до долг рок да постигнам добри резултати. Тоа не се променило“, рече 52-годишниот тренер.
Ковач го презеде тимот од Дортмунд во февруари од Нури Сахин и потпиша договор до 2026 година. Под негово водство, тимот се искачи на седмото место и останува во игра за место на турнирите на УЕФА, можеби и во Лигата на шампионите.
Тој нагласи дека не сака тоа да биде само привремено решение.
-Секој тренер кој презема тим во текот на сезоната мора да се справи со одредена ситуација. Фактот дека потпишавме договор на година и пол зборува за меѓусебна посветеност. Не се разговараше за пократок договор. Пристапот „победа во следниот натпревар“ се покажа добар за нас. Тимот игра офанзивно, физички и во самата игра веќе имаме многу добри моменти, додаде Ковач.
Тренерот на Борусија додаде и дека тимот тешко дека ќе се потпира на Паскал Грос и Максимилијан Баер, а Марсел Сабицер би требало да биде достапен по натпреварот против Хофенхајм. дс
Фото: Архива