• вторник, 17 декември 2024

Ковачевски: Технички дефект го предизвика вчерашниот прекин во снабдувањето со струја на Скопје, Велес и дел од Овчеполието

Ковачевски: Технички дефект го предизвика вчерашниот прекин во снабдувањето со струја на Скопје, Велес и дел од Овчеполието
Скопје, 14 февруари 2022 (МИА) – Вчерашниот прекин во снабдувањето со електрична енергија во Скопје, Велес и дел од Овчеполието е резултат на технички дефект што се случи на еден од далноводите во Пинтија кои го напојуваат Скопје, оцени денеска премиерот Димитар Ковачевски. Таму, како што кажа, изгорел изолатор на високонапонскиот далновод. -Како резултат на тоа се случило опожарување на сламата во околината при што веднаш реагирале системите за заштита на МЕПСО, кои се сложени системи што ги штитат трафостаниците кои практично ги напојуваат Скопје, Велес и дел од Овчеполието со електрична енергија, рече Ковачевски во одговор на новинарско прашање при денешното закројување на лозјата во општина Росоман. Нагласи дека системите за заштита веднаш предизвикале прекинување на напојувањето со електрична енергија во двете насоки и им изрази благодарност на вработените во Диспечерскиот центар на МЕПСО и на техничкиот кадар на компанијата за, како што рече, излегувањето во најкраток рок на терен и за работењето до 3:30 часот изутрина кога успеаја целосно да ги отстранат проблемите. -Скопје го вратија во системот во многу краток рок преку радијално спојување со електрична енергија, а потоа и корисниците кои се наоѓаат во Бунарџик со отстранување на проблемите. Денеска веќе почнуваат со работа на коригирање на сите проблеми кои се настанати во системот, потенцира Ковачевски и додаде дека се работи за техничка грешка. Посочи дека и екипи на Министерството за внатрешни работи биле на терен и ќе ја завршат својата работа според професионалните стандарди по кои работат и веројатно, како што рече, и тие ќе имаат соопштение за тоа што се случило исто како што претходно информира МЕПСО. Прашан дали постои сомнеж дека можеби нешто е подметнато, Ковачевски рече дека тоа единствено може да го кажат стручните лица кои работат во МЕПСО. -Јас не зборувам за никаков сомнеж, туку за спроведување на сите процедури кои се пропишани според закон и според упатствата за работа во МЕПСО и во другите институции, потенцира Ковачевски.вј/свд/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан