• четврток, 26 декември 2024

Ковачевски: Со новиот рехабилитиран пат Подмоље-Струга-Ќафасан овозможуваме поинтензивна регионална соработка, економски раст и напредок

Ковачевски: Со новиот рехабилитиран пат Подмоље-Струга-Ќафасан овозможуваме поинтензивна регионална соработка, економски раст и напредок

Скопје, 2 ноември 2023 (МИА) - Премиерот Димитар Ковачевски денеска заедно со првиот заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и Ејуп Рустеми, директор на Јавното претпријатие за државни патишта, присуствувале на пуштање во употреба на патниот правец Подмоље-Струга-Ќафасан.

Рехабилитацијата на државниот пат А2, односно делницата Подмоље-Струга-Ќафасан, соопштија од владината прес-служба, чини скоро осум милиони евра.

Оваа делница, истакнал премиерот Ковачевски, е од исклучително значење за овој регион, особено за поттикнување на регионалната соработка, за нови можност за економски врски, културни размени и врски меѓу луѓето на Северна Македонија и Албанија.

- Делницата Подмоље-Струга-Ќафасан има големи економски предности, отвора можности за трговија и инвестиции, отворање нови работни места и подобрена транспортна инфраструктура, што крајно позитивно влијае врз поттикнување на економскиот раст на двете држави. Државниот пат А2, се поврзува и со Коридорот 8, што е од клучно значење за поврзување на нашата земја не само со регионот, туку геостратешката позиција на Коридор 8, овозможува Северна Македонија да стане неизбежна транспортна рута со европските земји, рекол премиерот Ковачевски, соопштија од Владата.

Министерот Бочварски информирал дека Министерството за транспорт и врски работи и на проект за рехабилитација на инфраструктурата на граничниот премин Ќафасан, како и поставување на нов видео надзор.

- Веќе активно се реализира и договорот за изградба на автопатските делници од Коридор 8 и 10 д, кои ќе дадат комплетна нова слика во модерна и нова патна мрежа во земјава. Ова е најголемиот, најзначајниот капитален проект и ние како Министерство заедно со ЈП за државни патишта сме силно сконцентрирани за навремена реализација и изградба и на овие автопатски делници. Европската иднина на земјава е загарантирана и затоа ни се потребни нови квалитетни патишта заради подеднаков развој на сите региони, истакнал Бочварски, се влеи во соопштението.

Директорот на ЈПДП Ејуп Рустеми, најавил дека претпријатието ќе продолжи интензивно и посветено да работи на реализација на најголемиот инвестициски циклус во државата.

- Реализацијата на овој проект е пример дека може и треба да се гради според динамиката која претходно е воспоставена, односно може и ќе се гради навремено, брзо и квалитетно, рекол Рустеми, соопштија од владината прес-служба. цр/нд/

Фото и видео: Влада на РСМ

 

Остани поврзан