• сабота, 23 ноември 2024

Ковачевски: Се гради првата градинка во Општина Центар по повеќе од половина век

Ковачевски: Се гради првата градинка во Општина Центар по повеќе од половина век

Скопје, 3 март 2023 (МИА) - Со инвестиција од околу 2,5 милиони евра се гради објектот на градинката „Пролет“, првата детска градинка во Општина Центар по 50 години. Градинката ќе има површина од 3.276 квадратни мерки со капацитет за згрижување на 150 деца, со што се решава неколку деценискиот проблем за родителите во населбата Пролет кои досега ги носеа децата во соседните населби.

Досега се завршени 40 проценти од градежните работи, а очекувањата се дека објектот ќе биде завршен во април следната година, по што ќе следи внатрешно уредување на градинката. Денеска во посета и обиколка на објектот во градба беа премиерот Димитар Ковачевски и градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски.

null

- Оваа градинка во Пролет што се гради по најсовремени стандарди е прва градинка што воопшто се гради во скопската општина Центар по повеќе од половина век. Се гради на најголемата површина наменета за градинки досега во државата. Од она што може да се види на терен станува збор за модерна градинка што ќе биде изградена по сите современи стандарди со девет занимални, со предвидена зелена површина на околу 2.000 квадратни метри, со надворешно игралиште до кое можат да пристапат и деца со попреченост и со лифт за лица со инвалидитет и попреченост во движењето со што ја запазуваме инклузивноста во воспитно-образовниот  процес, рече Ковачевски.

Во градинката, како што кажа, ќе има и кујна која ќе биде само за потребите на децата кои ќе добиваат свежо приготвена и здрави храна.

- Ќе има и просторија за лекар со можност за изолација на дете доколку е потребно од здравствена аспект. Ќе има просторија за стручни соработници, посочи Ковачевски.

Тој најави дека се планира да се изгради уште една детска градинка во Маџир Маало, со што, како што кажа, во целост ќе се задоволат потребите од згрижување на дечиња од овој реон на општина Центар.

Од 2017 година, до денеска, додаде, отворени се или реконструирани вкупно 76 градинки низ целата држава со опфат на 5.650 деца. Само минатата година згрижувачките капацитети во градинките се зголемени за над 1.000 деца, а годинава, се планира изградба, доградба или адаптација на нови 20 градинки во државава.

Градоначалникот Герасимовски посочи дека изградбата на градинката е целосно финансирана од општина Центар и додаде дека ќе биде најголемата детска градинка во државата.

- Со оваа инвестиција решаваме огромен - неколку децениски проблем за родителите кои децата на згрижување ги носеа во соседните населби. Создаваме услови за нови вработувања во воспитно-образовниот сектор. Во дворот на градинката децата ќе може да уживаат во урбаната градина со многу детски реквизити – лизгалки, лулашки и мостови, но и детска болдер карпа. Во градинката е предвидено и изградба на галерија со сигурносна ограда, елементи  и три дрвени куќички кои ќе имаат улога на видиковец. Се предвидува и изградба на тераса со дрвен под обезбедена и осигурана за безбедно играње на децата, прецизира Герасимовски.

Градобачалникот потенцира дека градинката Пролет ќе биде најмодерната градинка  со најсовремени стандарди во која децата ќе поминуваат квалитетно време во учење и дружба. вј/сп/

 

Остани поврзан