• сабота, 23 ноември 2024

Ковачевски - Селаковиќ: Заедничка определба за напредок во евроинтеграциите и добрососедска соработка за регионалната стабилност

Ковачевски - Селаковиќ: Заедничка определба за напредок во евроинтеграциите и добрососедска соработка за регионалната стабилност
Скопје, 25 февруари 2022 (МИА) - Премиерот Димитар Ковачевски денеска имаше средба со српскиот министер за надворешни работи Никола Селаковиќ, на која се потврдени пријателските односи меѓу двете држави и двата народа и е констатирано интензивирање на соработката, посебно на економски план во последниве две години. На состанокот, како што соопшти прес-службата на Владата, изразена е и определба од двете страни за напредување и на Северна Македонија и на Србија во процесот на евроинтеграциите. Премиерот Ковачевски соопшти дека тој и Владата се фокусирани на економскиот развој на државава, на успешно надминување на актуелните предизвици, како што е енергетската ситуација и истовремено се работи на исчекорот во делот на евроинтеграциите. - Веруваме во целите и работиме да се остварат, преку принципиелни и достоинствени политики и работа на потребните реформи на домашен план, како што се реформите во правосудството, коишто се во значаен дел усогласени со европското законодавство“, рече премиерот Ковачевски. На состанокот, додаваат од владината прес-служба, заеднички е оценето дека иницијативата Отворен Балкан е придонес во регионалната соработка на државите, преку имплементацијата на европски вредности во регионот, а придонесува кон продлабочување на соработката, со отворање можности за поголема регионална конкурентност на европскиот пазар и на други светски пазари и во делот на привлекувањето странски инвеститори. Значењето на добрососедските односи е посебно нагласено и како важно во сочувување на стабилноста и мирот во регионот и во Европа. На средбата е разговарано и за актуелната ситуација во Украина, при што е пренесен ставот на Република Северна Македонија, како членка на НАТО, за поддршка на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина. На состанокот е пренесена покана од претседателот на Србија, Александар Вучиќ до премиерот Димитар Ковачевски за посета на Белград. - Премиерот Ковачевски, се заблагодари за пријателската соработка и помош од Република Србија за време на пандемијата и оцени дека споделената посветеност кон унапредувањето на односите меѓу двете држави е важна за граѓаните на двете земји, се вели во соопштението. мс/сп/

Остани поврзан