• четврток, 26 декември 2024

Ковачевски: Поддршка за тутунопроизводството во субвенции, зелена нафта и по хектар користена површина земјоделско земјиште

Ковачевски: Поддршка за тутунопроизводството во субвенции, зелена нафта и по хектар користена површина земјоделско земјиште

Прилеп, 7 март 2024 (МИА) - На тутунарите годинава ќе им бидат исплатени за 20 денари повисоки субвенции за тутунот, односно 100 денари за прва, 90 за втора и 80 денари за трета класа. Исплатата на субвенциите ќе биде на крајот на март и во почетокот на април. Тоа е дел од грижата за раст и развој на тутунопроизводството кое, преку извозот, годишно обезбедува 120 милиони евра девизен прилив. Ова го истакна претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски на денешната попладневна средба со тутунопроизводителите во прилепскиот Центар за култура „Марко Цепенков“, говорејќи за состојбите и развојот во тутунопроизводството.

Растот на субвенциите се очекува и во наредниот период, како и дополнителната поддршка за тутунарите.

-Вкупно пресметано, со годинашната просечна цена на тутунот од 365 денари, секој тутунар со субвенијата ќе добие по 465 денари за прва класа предаден тутун. А годинава, речиси целиот род на тутунот е во прва класа.  Од Прилеп сакам да порачам дека грижата за извозно ориентираните гранки, како што е тутунопроизводството ќе продолжи и во вториот мандат на владата предводена од СДСМ.  Инаку, тутунот со извозот во републичкиот буџет годишно учествува со 120 милиона евра девизен прилив, нагласи Ковачевски.

Со новата програма на СДСМ, како што посочи, тутунарите за 2024 година ќе добијат и по 6000 денари  по еден хектар обработена површина, а со тоа се стекнуваат со право од 2025 година да користат 100 проценти од трошоците за нафта, кога по хектар ќе изнесува 12 000 денари  за зелена нафта.

-Дополнително, со новата програма на СДСМ е предвидено зголемување на сумата за субвенции во периодот од 2024 до 2028 година кога вкупно за земјоделството се предвидени 750 милиони евра, што е за 30 проценти зголемување на субвенциите во однос на последниот четиригодишен период што ќе придонесе  за пораст на извозот до 1,2 милијарди евра, рече Ковачевски. ем/дма/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан