• понеделник, 16 декември 2024

Ковачевски од Струга: На Македонија и е потребно национално единство за интеграција во ЕУ, а не за мораториум

Ковачевски од Струга: На Македонија и е потребно национално единство за интеграција во ЕУ, а не за мораториум

Струга, 19 април 2024 (МИА) - На Македонија ѝ е потребно национално единство за интеграција во ЕУ, наместо национално единство за мораториум. Тоа е вистинскиот пат за промени и токму тоа е одлуката што треба да ја донесете на овие избори, порача вечерва од Струга претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски на предизборниот митинг на Коалицијата за европска Македонија.

Коментирајќи го синоќешниот говор на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски на митингот во Охрид, за македонско единство и за мораториуми, тој заклучи дека се повеќе луѓе сфаќаат дека единствен мораториум во, како што нагласи, главата на Мицкоски е мораториумот за интеграција на државата во ЕУ.

- Едната опција се Мицкоски, Силјановска и ДПМНЕ со мораториум за ЕУ, а другата опција се СДСМ и Стево Пендаровски, кои нема да се откажат од нашата европска иднина, додаде Ковачевски.

Според него, ВМРО-ДПМНЕ на чело со Мицкоски било истото ВМРО-ДПМНЕ, кое на чело со Груевски 11 години, како што рече, ја зароби државата внатре, а ја изолираше надвор.

-Тие нема да успеат да ја придвижат државата кон ЕУ, а потоа ќе ја обвинуваат Европската Унија за сѐ. Спремни се Македонија уште 100 години да не влезе во ЕУ, рече Ковачевски.

Главен фокус на неговата партија, нагласи дека останува членството во Европската Унија, за државата да напредува.

Тој вети и 20.000 денари минимална и 30.000 денари просечна пензија за достоинствен живот на пензионерите, како и други финансиски мерки за нивна поддршка, потсетувајќи на зголемувањето на пензиите за 55 проценти.

- Јас и моите другари од СДСМ и од коалицијата за европска Македонија сме подготвени да работиме ден и ноќ за да го реализираме барањето на граѓаните за попросперитетна држава, со новата програма за европска иднина. Оваа програма е реална, остварлива и нема откажување додека секој ред од неа не стане наша реалност, рече Ковачевски.

Пред стружани говореа и носителите на листата во изборната единица 5 од СДСМ и Коалицијата за европска Македонија, Јован Митрески и Бисера Костадиновска - Стојчевска, кои презентираа дел од мерките од предизборната програма.

Барајќи ја поддршката од стружани да го дадат својот глас за Коалицијата за европска Македонија на парламентарните избори и за Стево Пендаровски на претседателските, Митрески ги повика да се обединат и, како што порача, да не дозволат да се вратат оние кои ја доведоа Македонија до бездна и од неа направија заробена држава.

Митрески смета дека младите не смеат да бидат жртви на политичари без став и без визија и оти државата мора да оди напред.

- Во Струга ги реновиравме буквално сите училишта и спортски сали и изградивме три нови сали. Го реконструиравме затворениот пливачки базен, тројно ја покачивме минималната плата. Ги дуплиравме странските инвестиции. Ги зголемивме пензиите за над 50 проценти, ги покачивме платите во сите сектори. Но, тоа не е доволно. Поминавме и поминуваме сериозни економски последици од КОВИД кризата, но и од војната во Украина. Затоа ни е потребна ЕУ. За побрзо да ги донесеме европските стандарди дома, рече Митрески.

Тој ги повика стружани да се обединат и, како што рече, да не дозволат да се вратат оние кои ја доведоа Македонија до бездна и од неа направија заробена држава.

Костадиновска-Стојчевска пак посочи дека со секој чекор кон ЕУ граѓаните добиваат повисоки плати и пензии. Пред стружани укажа дека, според неа, пред нас повторно стои важната задача да останеме на европскиот колосек и да не дозволиме да се врати изолацијата, неизвесноста, пропуштените шанси за развој и мирен соживот.

- Точно е, има алтернативи, но секоја од нив значи неизвесност, уназадување на демократијата, нула шанси за развој. И затоа, сигурна сум дека граѓаните ќе покажат висока свест на овие избори и ќе знаат да препознаат што е конкретна понуда, кој настапува со јасни и зацртани цели за подобар живот за сите граѓани, а кој сее ветер и магла и сака да ги превесла граѓаните со лажни приказни, рече Костадиновска-Стојчевска.

Коалицијата за европска Македонија предводена од СДСМ вечерва одржува предизборен митинг и во Охрид. сс/нд/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан